Повторна средба на децата од сликите на Норман Роквел

На 100-годишнината од неговата прва новинска илустрација, во музејот посветен на Роквел се собраа шест од некогашните деца од неговите слики. Нивните спомени покажуваат колку Америка и светот се смениле во последниве децении. Но и колку некои работи останале исти.

Норман Персевал Роквел (1894-1978) бил американски сликар и илустратор, кој станал особено популарен по претставувањето сцени од секојдневниот американски живот. Цели пет децении правел насловни илустрации за The Saturday Evening Post, а имал и 64-годишна соработка со извидничката организација, за којашто направил голем број календари и публикации.

Дел од неговите слики се политички ангажирани и зборуваат за универзалните човечки права и за расни прашања. Неговите критичари го обвинувале за идеализам и сентименталност во претставувањето на американскиот живот, дури и измислувајќи навредлива придавка „роквелескен" за таквиот стил. Набоков изјавил дека е штета што една таква брилијантна техника се употребува за „банални" цели.

Но 100 години по првата илустрација на Роквел за спомнатиот весник, во Стокбриџ, градот кадешто ги поминал дваесетте последни години од животот и помогнал да се формира негова збирка од 998 оригинални слики, е одржана голема изложба, која покажува дека неговите „слатки" дела всушност содржат пораки кои се актуелни и денес. Изложбата беше интересна и по уште еден момент - на 16 јули таму се одржа средба на некогашните деца од сликите, главно соседи на сликарот од маало, кои и денес живеат во ова идилично гратче.

Еден од нив, Тим Буш, претставен на сликата „Нови деца во населбата", тогаш имал 11 години, вели дека сликарот баш го изгњавил на времето да стои мирно. „Тогаш не можев да помислам дека Норман ќе биде славен. Тој отсекогаш беше само наш комшија". Буш бил „регрутиран" да позира во 1976, откако волонтирал да го изџогира студиото на сликарот.

На сликата се претставени две црни деца кои се среќаваат со три бели на тротоар додека од камионот се симнува нивната покуќнина. Сликата, со сиот нејзин подтекст (црни и бели животни, просторна одделеност на децата) подоцна ќе стане симбол на движењето за граѓански права, иако на времето Буш не сфатил дека сликата има врска со расизмот. „Побара да ги заменам патиките со оние на Вреј (едно од црните деца), прво одбив ама после тој ме убеди дека тоа е ок".

Линда Џим пак е претставена на слика од 1964 под наслов „Проблемот со којшто сите живееме", на која таа била модел за девојчето Руби Бриџис, првото дете кое во 1960 во Њу Орлеанс учело во целосно „бело" училиште и на тој начин отворило пат за де-сегрегација, процес кој со години се влечкал и покрај одлука на Врховниот суд дека државните училишта мора да бидат мешани. Сликата беше изложена во Белата куќа кога во 2011 Обама таму ја прими Руби Бриџис.

„Иако ние му бевме модели на Роквел, тој е сега модел за нас", изјавило едно од некогашните деца на сликите. „Тој имаше чувство на хуманизам кон кое сите ние треба да се стремиме".

26 јули 2016 - 09:58