Потрага по најнеомилениот англиски збор во светот

Оксфордските речници, познати по разно-разни акции за популаризација на англискиот јазик, овој пат одат со негативна кампања. И вие можете да гласате ако некој збор во англискиот баш ве нервира.

Надевајќи се дека ова ќе биде најголемата глобална анкета поврзана со англискиот до сега, издавачот на познатиот речник ги повикува сите кои го зборуваат овој јазик да го внесат најнеомилениот збор на сајтот #OneWordMap.

До сега во САД и Велика Британија предничи зборот moist (влага). Необично, но во Холандија на истиот список најнеомилени се појавуваат и „војна“ и „љубов“, додека во Шпанија на прво место во моментов е „здраво“ (hello). Од Гибралтар се јавил само еден, кој гласал за „жолто“.

Организаторите на анкетата велат дека луѓето се одлучуваат за најомразениот збор врз основа на различни критериуми - некои затоа што се презаситени од неговото присуство (како „лајк“), други затоа што зборот ги потсетува на нешто лошо (како „рак“), а се очекуваат и зборови поврзани со политика (во моментов таков на листата е Брегзит).

Ова е прв пат Оксфордскиот речник да спроведува ваква анкета. Но во 2012 пишувавме за една друга, направена од Њујоркер, додуша со похумористична позадина. Тогаш како најомразен збор во англискиот беше изгласан slacks (вид широки пантолани), тој беше обредно напишан на парче хартија, згужван и фрлен во ѓубре во редакцијата на весникот.

25 август 2016 - 10:58