Нов Фаренхајт 451

Полска ја отстранува „непожелната“ литература

Повеќе од 80.000 книги од фундус кој се состои од 200.000 книги на заедничката библиотека на Факултетот за филозофија и социологија при Универзитетот во Варшава, Институтот за филозофија и социологија на Полската академија за науки и Полското филозофско друштво, ќе бидат отстранети. А тоа е исто како да се запалени.

Зад иницијативата, налик на онаа од ес-еф романот „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери од 1953, инспириран од нацистичките погроми врз непожелната еврејска и друга литература, стои владеачката парламентарна партија Право и правичност (Prawo i Sprawiedliwość). Книгите додуша не се запалени, но како што велеше Бредбери, тие и не мора да бидат такви, доволно е луѓето да не можат да ги прочитаат.

Оваа партија на екстремната христијанска десница минатата година стана позната по иницијативата за целосно укинување на абортусот, заради што во Полска, а и низ други земји во светот, се оддржуваа масовни протести. Освен тоа, партијата бара начини за повторно воведување на смртната казна и спроведување на целосна лустрација.

Спомнатата библиотека е основана во 1956, а во нејзина одбрана, и воопшто против идејата за цензура, се огласија голем број полски интелектуалци. Меѓу нив и д-р Габриели Курилевиц, позната филозофка и поетеса, која состави апел кој се шири по социјалните мрежи:

„Оние кои ги носат одлуките нека им го објаснат на читателите овој варварски чин против полската култура, кој е неприфатлив, затоа што на светот не постојат непотребни книги, иако тие се можеби непожелни. Во случај овие книги да се непожелни, дозволете ни да основаме библиотека на непожелни книги“, апелираше таа.

Партијата Вистина и праведност е центар на цел еден блок слични политички играчи, меѓу кои и озлогласената Лига на полски семејства, чиј сојузник е Католичката црква, како и голем број медиуми. Отстранувањето на книги за нив е само вовед во еден поширок процес на општествена промена - отстранувањето на поинаквиот начин на мислење.

Оние кои се кренаа во одбрана на библиотеката сметаат дека владеачката партија го има поларизирано полското општество, и стравуваат дека случајот со нивната институција би можел да биде само почеток на трендот на цензурирање на „несоодветната“ литература од јавниот живот.

Извор: Лупига

Претходно: Партенон изграден од забранети книги

29 мај 2017 - 09:38