Еден поинаков 1. април

Подгответе се за Букбокс маскенбал!

Имате дома луле и лупа? Ленонки и миленик-бувче? Сива кравата и лисици? Дојдете на 1. април на Букбокс маскенбал, специјализиран за книжевни маски.

Светскиот ден на книгата според календарот на УНЕСКО се одбележува на 23 април, но од нам непознати причини во Велика Британија и Ирска тоа се прави денес, првиот четврток во март. Главна целна група се децата и младите, за кои издавачите издвојуваат 14 милиони бесплатни книги, што значи по една за речиси секое дете под 18 години.

Но покрај различните манифестации, наградни игри и конкурси кои се организираат по овој повод (повеќе на официјалниот сајт на проектот), нам ни го привлече вниманието - маскирањето во книжевни ликови. Британските родители со месеци однапред мака мачат да им смислат костими на нивните деца, кројат, шијат, лепат, и некои од нив се навистина креативни. Други пак едноставно си ги купуваат готови - од „Гладната гасеница" и Вини Пу, до ликовите од Хари Потер.

Ама ако можат децата, можат и возрасните. Букбокс ве повикува да се подготвите за првоаприлски маскенбал, посветен исклучиво на книжевни ликови, автори и наслови. Прочепкајте низ шифоњерите, гуглајте, протресете ја домашната библиотека и смислете костум со кој можете да освоите награда. Се важат и апстрактни маски, ако сте доволно махери да ги визуелизирате - од „Метафизика" до „Кратка историја на времето".

Значи денот е 1. април а местото ќе го објавиме накнадно. До тогаш, ослободете ја фантазијата и споделете идеи (eве неколку тука). И не заборавајте на ликовите од македонската литература, макар и дошле со магаре со самарче во кафана.

5 март 2015 - 13:55