Почина Нобеловецот Транстромер

Се сеќаваме на овој тивок човек, којшто во св. Софија, при примањето на Струшкиот венец на поезијата во 2003, свиреше клавирско дело за лева рака, напишано специјално за него, бидејќи само таа му беше подвижна. Истата таа внатрешна креативна сила зрачи и од неговата поезија.

Момчето коешто, според неговиот професор по латински, пишувало „неразбирливи модернистички чкртаници", ја доби Нобеловата за литература во 2011, откако секоја година по ред беше номиниран уште од 1993. Речиси целиот живот работел како психолог, но паралелно пишувал рефлексивна поезија, којашто е инспирирана и од шведскиот песјаж, особено од долгите летни престои на островот Рунмаро близу Стокхолм.

Овој краток филм (16 мин), направен откако тој ја доби Нобеловата, содржи архивски снимки од неговите настапи пред мозочниот удар, кој освен подвижноста на десната рака во голема мерка му ја одзел и способноста за говор, како и неговата изведба на две дела за пијано напишани во негова чест од современи шведски композитори.

А ова е една од неговите песни на македонски:

ПРЕЛУДИУМ

Будењето е скок со падобран од сонот.
Ослободен од задушувачкиот вир, тоне патникот
кон зелената зона на утрото.
Нештата се разгоруваат. Ги чувствува - во трепет на чучулига
моќните коренски системи на дрвјата
подземните ламби што се клатат. Но над земјата
стои - во тропски тек - зеленилото, со
дигнати раце, слушајќи го
ритмот на некоја невидлива пумпа. A тоа
тоне кон летото, се спушта
кон неговиот заслепувачки кратер, надолу
низ шахта од зелено-влажни векови
што треперат под сончевата турбина. Така се запира
ова вертикално патување низ мигот и крилјата се шират
до одморот на орелот рибојадец над водата што тече.
Звукот на трубата од бронзено доба
ставен надвор од законот
виси над бездната.
Bo првите часови на денот свеста може да го опфати светот
како што рака на сонце граби загреан камен.
Патникот стои под дрвото. Дали,
по падот низ смртоносниот вир,
ќе се развие големо светло врз неговата глава? 

27 март 2015 - 20:53