Го викале „Невидливио“

Почина авторот на „Трилер“

Што, не е „Трилер“ на Мајкл Џексон? Епа не бил.

Човекот се вика Род Темпертон и е британски композитор, кој има напишано импресивен список песни. На него се, на пример, Give Me The Night на Џорџ Бенсон, Boogie Nights на Хитвејв, и неколку од најпознатите хитови на Џексон (Off the Wall и Rock With You), кои ги креирал откако Квинси Џонс го ангажирал да пишува за Кралот на попот. Пишувал и за Дона Самер и за Мараја Кери, но сепак најплоден бил токму за Џексон, за кого наводно имал напишано дури 300 песни (што снимени, што не), меѓу кои и мега-хитот „Трилер“.

Се шпекулира дека неговото богатство вреди над 125 милиони долари, живеел на Мулхоланд Драјв во Лос Анѓелес, покрај актери како Џорџ Клуни и Џек Николсон, а поседувал и куќи во јужна Франција, Швајцарија, на Фиџи и во Британија.

И покрај славата и парите, Темпертон се држел на страна, а ваквиот повлечен начин на живот е причината зошто прекарот му бил „Невидливиот“. На интернет има само неколку фотографии од него, јавно настапувал само пар во животот, што е во крајна спротивност со денешните продуценти и песнописци. Во 2006 Бибиси направил радио документарец за него, а на продуцентите им требало четири години да го убедат да учествува со свои спомени од детството и работата со славните музичари.

Откако се прошири веста дека на 66 години починал авторот на „Трилер“ многумина прв пат слушнаа за неговото име. Но како што рекол негов колега на времето: „Тој е како невидлива сенка над целиот музички бизнис, над целата таа култура. Толку е вплеткан во неа што е како воздухот што го дишеме - тој е во нас, околу нас. Но не ни мислиме на тоа. Тоа е едноставно така.“

6 октомври 2016 - 15:43