Букбокс гледаше

„Почесниот граѓанин“ (El ciudadano ilustre, 2016)

Добитник на Нобелова за книжевност кој пред 40 години заминал од родната аргентинска провинција за да живее во пософистицираната Барселона, одеднаш одлучува да ја прифати поканата на тамошните локалци, кои сакаат да го прогласат за почесен граѓанин. Работите бргу излегуваат од контрола.

„Го добивам ова признание затоа што на сите ви одговарам, и на жирито, и на публиката и на кралот. Тоа може да значи само едно - дека мојата кариера е завршена“, вели Даниел Матовани во првите сцени од филмот, на свеченоста по повод Нобеловата.

Неговите поделени чувства околу честа што му е укажана го следат и неколку години подоцна. Одбива понуди за хуманитарни акции, вечери со претседатели на држави, почесни докторати, предавања. Но додека неговата асистентка му ја чита бесконечната листа обврски на кои тој арогантно реагира со „не“ и „не доаѓа предвид“, една покана за момент го замислува. Псимото е од неговиот роден град Салас, на седум часа возење од Буенос Аирес, од каде физички има заминато пред четири децении. Но местото и неговите жители, како Макондо на Маркес или Слоештица на Петре М., е постојан извор на неговите полу-реални, замислени и целосно измислени приказни, во кои сепак голем број од жителите на овој град се препознаваат. Повлечен од љубопитството и носталгијата, Даниел одлучува да ги откаже сите обврски и да замине на пат.

Некои од сцените кои следат се предвидливи, иако поради тоа не помалку комични. На аеродромот во главниот град го пречекува скантан автомобил со „не се секирај го знам пократкиот пат“ возач, кој завршува со дупната гума среде пустелија. Откако конечно пристигнува во гратчето чии градби и улици изгледаат како евтина сценографија за вестерн, градоначалникот стапува на сцена со своја агенда за лауреатот - откривање спомен-статуа во локалниот парк, прогласување за почесен граѓанин, две предавања, возење наоколу качен на пожарникарско возило во придружба на Мис Салас, разно.

Даниел го прифаќа ова со потребната доза стоицизам, но на моменти сепак не успева да остане во колосек. Неговите напори да ги помрдне работите во средина каде времето минува само во физичка, но не и во социјална смисла, одеднаш ја претвораат свечената атмосфера во тензична и опасна. За тоа особено придонесуваат две негови постапки - при жирирањето за најдобра слика од локален автор да се изземат од конкуренција неколку чии автори потоа се наоѓаат длабоко навредени, но и авантурата со млада девојка со пирс во носот која му се вовлекува во хотелската соба. Излегува дека таа е ќерка на некогашната голема љубов на Даниел, Ирена, која во меѓувреме се има омажено со локален манга. Кога овој го кани на ноќен лов на диви свињи, јасно е дека работата не е на арно.

Филмот завршува со прес-конференција на славниот писател по повод нов роман (којшто нели претходно рече дека никогаш нема да го напише). Насловот на романот - „Почесниот граѓанин“ - ја раскажува филмската приказна која штотуку ја видовме. Така, фикцијата се прелева во реалноста, при што не знаеме што во филмот и книгата е реалност, а што само уште едно ментално патување на авторот во родниот град. Како и во други филмови кои многу успешно играат со врската помеѓу книжевното дело и стварноста (Stranger than Fiction  со Вил Ферел и овогодишниот одличен Nocturnal Animals) и ова е убедлив мета-филм, кој треба да го погледне секој кој се уште ја негува илузијата дека може да се биде пророк во сопственото село.