По фестивалот во Венеција: двојна награда за филм базиран врз расказ на Сартр

Како што пренесоа и нашите медиуми, овогодишен добитник на Златен лав е Лоренцо Вигас, за неговиот прв филм „Од далеку". Но тој не беше единствениот дебитант кој изненади на фестивалот, кој заврши вчера (12.09). Еден друг доби дури две награди, а неговиот филм е правен според расказ на славниот егзистенцијалист.

Американецот Брејди Корбет ја доби наградата во категоријата Хоризонти, каде во конкуренција влегуваат филмови снимени на 35мм, дигитални и документарци, кои означуваат нови филмски трендови. Истовремено, од друго жири го доби и „Лавот на иднината", за најдобар дебитантски филм. Тој се вика „Детство на еден водач" и е приказна за младо момче од САД кое живее во Франција во 1918, а чиј татко работи за владата на САД врз создавањето на Договорот од Версај. Главната улога ја игра Роберт Патисон, а ова беше единствениот филм кој во Венеција беше прикажан на целулоид.

Филмот е делумно базиран на истоимен расказ на Жан-Пол Сартр од неговата збирка „Ѕид" од 1939. Во него го следиме растењето на момче по име Лусиен Флурие од 4-годишна возраст до раната младост. Тој е син на богат индустријалец, кој во потрага по сопствениот идентитет минува низ психоанализа, потоа низ хомосексуална врска со поет-педофил, па до членство во фашистичка младинска организација, после што станува еден од фашистичките водачи во текот на Првата светска војна. Сите овие одлуки не ги носи самиот, туку под влијание на средината и ставовите на оние кои доминираат со неа. Со оглед на годината во којашто е објавен расказот, Сартр со него го најавил она што се случило подоцна - Втората светска војна и нејзините ужаси.

Извадок од филмот:

 

13 септември 2015 - 15:29