Доделена Букеровата награда за 2015

Писателот чиј прв роман бил одбиен 78 пати доби Букер

Марлон Џејмс од Јамајка ја доби наградата за неговиот роман инспириран од обидот за убиство на Боб Марли во 1970-тите.

Книгата се вика „Кратка историја на седум убиства", и е опишана како епска приказна на 680 страници која е многу насилна, полна со пцовки, но и со изненадувања. Џејмс е првиот автор од Јамајка кој ја добива наградата, а во неговата изјава по овој повод ја нагласил улогата на реге музиката во неговиот живот и во пишувањето: „Боб Марли и Питер Тош беа првите кои сфатија дека гласот кој доаѓа од нивните усни е легитимен глас на фикцијата и поезијата".

Приказната, која тече низ три децении, е базирана на вистински настан - обид за атентат на Марли, позади кој стои турбулентниот свет на јамајканските банди и политиката. Романот содржи повеќе од 75 ликови, од такви кои зборуваат на јамајкански сленг, до свештеници.

Првиот роман на Џејмс, „Ѓаволот на Џон Кроу" од издавачите бил одбиен точно 78 пати. Тогаш тој толку се разочарал што го уништил ракописот. Подоцна го пронашол во електронските пораки, за во 2005 тој сепак да биде објавен. Кога било соопштено дека е добитник на 50,000 фунти, колку што изнесува Букер, едноставно не можел да верува, а од тогаш има проблем и да заспие. Наградата ја посветил на татко му, љубител на Шекспир, со кого се натпреварувале кога бил дете кој знае подолг монолог на памет, и тоа среде јамајкански рум бар. 

14 октомври 2015 - 16:17