Кој ти го кладе името

Пијан Австралијанец е кум на „селфи“?

Следнава приказна покажува дека сè што можат да направат историските лексикографи е да го регистрираат најстариот доказ за употреба на некој збор, но не и со прст да покажат кој е неговиот автор. Таа исто така покажува дека не треба пијани да се симнувате по скали, барем не без трезна придружба. 

Веста за изборот на селфи како „Оксфордски збор на годината" беше дочекана со потсмев. Конан О'Брајан во неговата емисија ја најави на следниов начин: „Оксфордскиот речник го прогласи 'селфи' за збор на годината, и тоа за малку пред 'тверк'. Поврзано со ова, погребот на англискиот јазик е во сабота".

Секако тој не беше единствен кој ламентираше над судбината на јазикот и општеството воопшто. Но она што ги засени овие дискусии кои од година во година се повторуваат и веќе стануваат досадни беше откритието на најраниот пример за употреба на зборот, на форум за наука од 2002 на сајтот на Австралиската радиодифузна компанија. Во дискусија во врска со конци за зашивање лузни кои самите се апсорбираат, некој со ник Hopey напишал:

Пијан кај другар, се сопнав и паднав директно на уста (со предните заби на второ место) на скали. Имав дупка долга околу 1 сантиметар на долната усна. Извинете за фокусот, ова беше селфи (ако баш сакате да ја видите сликата, тука)

Признание за ова откритие му се оддава на Хуго ван Кеменејд, активен член на Американското здружение за дијалекти. Тоа што selfie води потекло од Австралија не чуди, со оглед на тоа што суфиксот -ie таму често се користи за прекари или кратенки, наречени хипокористични (или поедноставно - нагалени). Такви се barbie за barbecue (скара), mozzie за mosquito (комарец), и конечно Aussie за Australian (Австралијанец).

Хоупи бргу станал славен во Австралија, и излегло дека дури и неговото име е всушност „нагалено" - вистинското ми е Нејтан Хоуп. Сепак тој бил доволно разумен да изјави дека нема авторско право на зборот, туку дека тој често се користел во неговото друштво за опишување на слика од себеси.

Ова покажува дека сè што можат да го направат историските лексикографи е да го регистрираат најстариот доказ за употреба на некој збор, но не и со прст да покажат кој е неговиот автор. Кога се работи за сленгот, ваквиот „доказ" може и малку да доцни зад неговата реална употреба, со оглед на тоа што тој е се уште првенствено орален, а не пишан медиум на изразување. Поука бр. 1: ако некој ви каже дека тој и тој збор е прв пат употребен таму и таму, тоа не го одредува датумот на раѓање на соодветниот збор. Поука бр. 2: избегнувајте пијани да се симнувате по скали без трезна придружба.

Извор: Слејт

23 ноември 2013 - 13:47