„Пичкица“: прв роман посветен на ерата на Трамп

Не дека и претходно немаше романи кои од далеку најавуваа можност некој како актуелниот 45-ти претседател на САД да го преземе кормилото на земјата. Но новата книга на Хауард Џејкобсон е опишана како „брутална сатира која ги повикува сите писатели на активен отпор“ кон човекот кој сега има име, презиме и еден фин епитет, кој е просто греота да се троши за опис на ликови како него.

За Хауард Џејкобсон пишувавме кога ја доби Букеровата награда, која тогаш прв пат беше доделена за хумористичен роман. И овој новиов му е таков, само што сега насмевката е многу покисела.

„Пуси“ (Пичкица) е фантастична сатира за егоманијакално дете кое одеднаш добива огромна моќ. Името му е Фракасус, и тој е второ дете и наследник во некаква изолирана Република на Урбс-Лудус. Неговиот татко, Големиот војвода, е на врвот на политичка хиерархија во која оние кои се занимаваат со недвижнини ги заземаат највисоките позиции. Во текот на приказната родителите на Фракасус и неговите наставници се обидуваат да го воспитаат и образуваат како возрасен, но тој има многу голем отпор кон учење на нови нешта, и е восхитен од сопственото совршенство.

Џејкобсон почнал да работи на книгата само неколку часови откако ги слушнал вестите дека Трамп е избран за претседател. Во интервју за Атлантик тој вака го објаснува нејзиниот наслов:

„Знаев дека ќе се вика Пичкица во првите три минути. Немаше друг подобар наслов. Вообичаено ми треба долго време да смислам некој соодветен. Ја завршувам книгата и се потам со месеци обидувајќи се. А сега веднаш откако почнав да пишувам почнав да ѝ викам на жена ми од мезанинот кадешто пишувам: ’Најдов наслов’, кој со дерење ѝ го соопштив. Таа не беше сигурна дали е тоа добра идеја. Мојот агент ме предупреди дека книгата со такво име нема да се продава, и дека книжарниците нема да сакаат да ја изложуваат. Им реков не ми е гајле, не знам дали е добра ама мора така да се вика.“

Под „пичкица“ тој не подразбира женски гениталии или било што поврзано со жени, туку карактер кој е изолиран од реалниот свет, кој нема никакво искуство, па ни со жени.

Династијата од која произлегува Трамп е династија на пари, кои исполнуваат брутални и вулгарни цели. Авторот вели дека сакал да претстави човек без културно наследство, кој е заинтересиран само за материјалното. И иако до скоро сметал дека еден сликар или музичар или писател нема друга одговорност освен кон своето дело, Џејкбосон сега вели дека уметниците треба здружено на реагираат, не конкретно на Трамп, туку на сомнежот во знаење и мудрост кој неговиот подем го сигнализира, и понатаму го промовира.

Претходно: Сликовница за деца - „Доналд Трамп и периката на злото“