Нова биографија за Бах

Пасија по Јохан Себастијан

Aвторот на Брандербуршките концерти, Пасиите по Матеј и Јован, бројни кантати, корали, менуети - сите сјајни дела на барокната музика - изгледа не живеел под стаклено ѕвоно, како што сугерираа неговите досегашни биографи.

По долги години истражување, сер Џон Елиот Гардинер, диригент кој оваа година ја доби специјалната Gramophone Classical Award за снимка во живо (награда која често се нарекува Оскар на класичната музика) токму за комплетните црковни кантати на Бах, тврди дека славниот композитор досега бил претставуван како „олицетворение на чесност, работливост и здодевност, поаѓајќи од погрешната претпоставка дека музика со толку возвишен квалитет мора да доаѓа од некој кој е над секоја критика". Во последниот половина век истражувачите, според него, го имаат „дезинфицирано" животот на композиторот, пропагирајќи ја идејата дека само светец би можел да напише толку возвишена музика.

Но реалноста е малку поразлична, барем според она што го покажуваат училишните архиви - дека образованието на Бах било исполнето со пресметки меѓу банди, малтретирање на помалите деца, садизам, како и често отсуство од часови.

Првото школо во коешто одел, латинското Ајзенах во Германија, било полно со деца од буржујски трговски семејства. Сепак, Гардинер вели дека документите ги опишуваат момчињата како „силеџии, женкари, љубители на вино и пиво..кои кршат прозорци и ги вкрстуваат ножевите". Чест бил случајот родителите да ги држат дома нивните деца, не затоа што тие биле болни, туку од страв од она што се случувало во училиштата. Како казна, современиците на Бах биле тепани и на нив била фрлана „вечна клетва". Ваквата атмосфера сигурно извршила влијание врз него. Тој бил особено изложен на некој наставник и црковен кантор во чијшто хор пеел, кој бил садистички посветен на „неподносливи казни". Наставникот на крај бил избркан како „чума на училиштето, скандал за црквата и рак за градот", но 12-годишниот Бах сигурно никогаш не го заборавил.

Во првите три години Бах имал 258 отсуства, кои до сега им биле припишувани на лошото здравје на неговата мајка и работата за семејниот музички бизнис. Сепак, и во светлината на новите факти се уште не е јасно дали тоа било обично бегање од часови, или пак и тој самиот сакал да се отргне барем за момент од сето тоа насилство кое што се случувало таму.

Овие детали од животот на Бах до сега биле целосно игнорирани. Тоа му било мотив на Гардинер за истражувањето, кое ќе биде објавено од Пингуин на 3. октомври под наслов „Музика во рајскиот дворец: портрет на Јохан Себастијан Бах". Во книгата тој тврди дека Баховата музика била инспирирана од големо страдање (passion, пасија, како оние кои ги компонирал), како во детството, така и подоцна. Неговата прва жена рано починала, а исто така и 12 од неговите 20 деца пред да достигнат возраст од три години, што и за тоа време на висока стапка на детска смртност сепак било многу. 

„Копнееме да сфатиме каков вид личност била способна да искомпонира музика која е истовремено толку сложена што нè чуди, толку ритмична што сакаме да станеме и да играме, но и толку полна со емоции што сме потресени до ср'жта на сопственото битие", вели Гардинер, опишувајќи го своето доживување на ликот и делото на Бах. Еве едно парче кое го доловува последното од гореспоменатото.

22 септември 2013 - 20:32