Математички гениј, тореадорка и полициски херој

Парламентарците на Макрон како да се ликови од книги

Во неделата партијата на францускиот претседател постигна голема победа на парламентарните избори. Еден од неговите адути - кандидати кои собрани на куп, делуваат како ликови од некој необичен француски роман.

На последните парламентарни избори во Франција „Републиката напред“ (La République En Marche), основана пред нешто повеќе од една година, го доби големото мнозинство во француското собрание. Една од причините: нови, до сега „непотрошени“ политички фигури, кои со своето „шарено“ портфолио прават гласачите да чувствуваат дека гласаат за интересни ликови, кои истата таа живописност од нивното си-ви би можеле да ја пренесат во колективната нарација.

Еден од нив е Седрик Вилани, славниот математичар со свилени шамии и брошеви во форма на пајаци, кои неодамна гостуваше и во Македонија (види: Лејди Гага на француската математика во Скопје). Брилијантен математичар кој своите напори сепак не ги фокусира само на некаква „висока“ наука, туку и на нејзина промоција по медиуми, блогови и низ јавни настапи, тој лесно победи во изборна единица во јужен Париз. Добитникот на Филдсовиот медал од 2010 (панданот на Нобелот во областа на математиката) и директор на Институтот Анри-Поенкаре во Париз, минатиот месец изјави дека е подготвен за новиот предизвик: „Важно е од време на време да се прави промена, и во поголемиот број случаи твоите претходни животи ќе ти помогнат во твојот иден“, изјави тој.

Ерв Бервиј е економист роден во Руанда во 1990. Го преживеал геноцидот од 1994, а потоа бил посвоен од француско семејство. Студирал во Лил и магистрирал развојна економија на престижната Лондонска школа по економија. Сега е избран како претставник на една гласачка единица во Бретања, неговиот втор дом.

Уште еден популарен кандидат е Жан-Мишел Фоверж, поранешен командир на елитната полициска единица Рејд, која беше вклучена во опсадата на салата Батаклан додека се случуваше терористичкиот напад. Тој лично го раководеше и апсењето на наводниот координатор на терористичките напади во неговиот стан во Сент-Дени, каде осомничениот Абделхамид Абауд беше убиен.

Најславната кандидатка на листата сепак не успеа да влезе во Парламентот - загуби за само 0.3% од моменталниот претставник на Националниот фронт. Се работи за пензионираната жена-борец со бикови Мари Сара, која денес, на 52 години, раководи со свој ранч за одгледување на овие животни во јужна Франција. Ќерка на познат париски филмски и театарски режисер (кум ѝ е славниот Жан-Лик Годар), таа во младоста беше исто така во центарот на вниманието на медиумите, но заради својот брак со тениската ѕвезда Анри Леконт. Заради ова публиката често фрлала тениски топчиња во арената со бикови додека таа се борела со нив, качена на коњ. Се има појавувано и во неколку филмови како актерка, како на пример во La Belle Histoire на Клод Лелуш.

Иако француските закони ги дефинираат борбите со бикови како „сурови чинови и сериозно прекршување на правата на животните“, тие се сепак дозволени во делови од Франција каде тие претставуваат традиција, како на пример во Арл и Ним, каде борбите се одвиваат во древни римски арени. Ова се сепак настани без пролевање крв, бидејќи целта на тореадорот е да грабне розета од главата на млад бик.

20 јуни 2017 - 11:26