Орвел за шпанските анархисти

По одличните резултати на левицата во првиот круг локални избори во Шпанија oд пред неколку дена, политичкиот пејсаж на оваа земја почнува да се менува. „Индигнадосите" ги потиснаа и десничарите и традиционално второпласираните партии од центарот. И во далечната 1936 радикално левите револуционерни сили владееле со Шпанија. А таму, за да се придружи на нивната борба против фашистите, дошол Орвел.

Во чест на Каталонија (Homage to Catalonia) е книга на Орвел од 1938, во која тој ги опишува своите искуства во Шпанската граѓанска војна. Се одлучил да се бори против фашизмот на страната на шпанските републиканци како резултат на неговото чувство на обврска, нешто што Хенри Милер, со кого вечерал во Париз на пат кон Шпанија, го нарекол „чиста глупост". По пристигнувањето се придружил на левичарската Партија на марксистичко обединување (POUM), која била една од радикално левите групации кои ја подржувале републиканската влада. Иако најпрво мислел да пишува новински статии и да ги испраќа во Британија, набргу се придружува на милицијата, а меѓу другите локации кадешто бил стациониран била и Каталонија, на која ѝ ја посветил споменатата книга.

Еве како тој ја опишува ситуацијата во земјата кога пристигнал:

Тоа беше при крај на јануари 1936, помалку од седум месеци пред да ги пишувам овие редови, па сепак тој период како да траеше подолго. Бев дојден во Шпанија со некоја намера да пишувам новинарски текстови, но речиси веднаш се приклучив на милицијата, затоа што во она време и во таа атмосфера тоа се чинеше како единствена логична работа.

Анархистите се уште практично ја имаа под контрола Каталонија и револуцијата беше во полн замав. На сите кои беа таму од почетокот веројатно веќе во јануари или февруари им се чинеше дека револуционерниот период завршува, но за некој којшто дошол право од Англија изгледот на Барселона беше нешто вчудоневидувачко и неодоливо. Тоа беше прв пат да се наоѓам во град во кој работничката класа ги држи уздите. Практично секоја зграда, без оглед колку голема, ја имаа заземено работниците и сите беа украсени со црвени знамиња, или црвени и црни знамиња на анархистите; сите ѕидови беа исцртани со срп и чекан и со иницијали на револуционерните партии; речиси секоја црква беше запалена до ѕидови, сосе скулптурите. Групи работници систематски демолираа цркви. На секоја продавница и кафана имаше натпис кој велеше дека тие се колективизирани; дури и чистачите на чевли беа колективизирани а нивните кутии офарбани во црно и црно. Келнерите и раководителите на стоковните куќи ве гледаа во лице и постапуваа со вас како со некој рамен на себе. Сервилните па дури и церемонијалните облици на говор привремено исчезнаа. Никој не велеше Сењор или Дон, па ни Usted („Вие"), сите меѓу себе се нарекуваа Друже и Ти, и велеа „здраво" наместо „добар ден".

Законот ги забрани бакшишите; моето прво искуство беше лекцијата што ја добив од управникот на хтоелот заради мојот обид на возачот да му дадам бакшиш. Немаше приватни автомобили, сите беа преземени, а сите трамваи и такси и многу други транспортни средства беа обоени во црвено и црно. Револуционерни плакати имаше насекаде, блескаво црвено и модри, така што останатите ретки преостанати реклами изгледаа како дамки од кал. Низ Рамблас, широката средишна артерија на градот по која толпи луѓе постојано струеа ваму-таму, на звучници постојано ечеа револуцинерни песни цел ден и длабоко во ноќта. А најнеобичната работа беше изгледот на толпата.

Според надворешниот изглед беше тоа град во кој богатите класи практично престанаа да постојат. Освен малиот број жени и странци, воопшто немаше добро облечени луѓе. Речиси сите носеа груба работничка облека или сини комбинизони или некој вид милициска униформа. Сè беше чудно и трогателно. Доста од тоа не сфаќав, на некој начин не ми се ни допаѓаше, но веднаш го препознавав како нешто за што вреди да се бориш. Верував исто така дека сè е онака како што изгледа, дека тоа е навистина работничка држава и дека сета буржоазија или побегнала или е убиена или доброволно преминала на страната на работниците; не сфатив дека голем број добростоечки буржуи едноставно се скриени и привремено се преправаат дека се пролетери.

Но покрај ова владееше некоја морничава атмосфера на војна. Градот имаше сив, запуштен изглед, улиците и зградите беа во лоша состојба, улиците ноќе беа матно осветлени заради страв од воздушни напади, продавниците главно запуштени и полупразни. Месо имаше малку а млеко речиси и да не можеше да се набави, недостасуваа јаглен, шеќер, бензин, а сериозно недостасуваше леб.

Редовите за леб беа долги стотина метри. Па сепак, колку што можеше да се забележи, луѓето беа задоволни и оптимистични. Немаше невработеност, а трошоците на живот беа извонредно ниски; немаше драстично запуштени луѓе, а просјаци, освен Роми, немаше. Повеќе од сè, постоеше верба во револуцијата и во иднината, чувство дека одеднаш се влегло во период на еднаквост и слобода. Човечките суштества се обидуваа да се однесуваат како човечки суштества, а не како штрафови во капиталистичката машина. Во берберниците имаше анархистички летоци (тие главно беа анархисти) кои свечено објаснуваа дека берберите веќе не се робови. На улицата шарени плакати ги повикуваа проститутките да престанат да бидат проститутки.

Уште еден подолг извадок на македонски тука (Марксистичка архива, превод Здравко Савески)

Целaта книга на англиски тука

27 мај 2015 - 10:00