Опасностите од читање во кревет

Во 18-вековна Европа оваа пракса се сметала за опасна по живот и по личниот и колективниот имот, но најмногу по владеачкиот морал. А последново нема врска со свеќите.

Слугите на извесен лорд Валсингем го нашле господарот во кревет едно утро во 1831, сторен пепел. Според белешката во тогашните медиуми, „неговите остатоци биле речиси целосно уништени, рацете и нозете буквално изгорени до пепел, а главата и скелетот не личеле на нешто човечко“. Трагично завршила и неговата жена - за да избега од огнот, скокнала од прозорец и останала на место мртва.

Ова не било прв случај на ваква смрт, која ѝ се припишувала на навиката да се чита со свеќа покрај креветот. Инцидентот прераснал во поучна приказна: читателите биле предупредувани да не си ја бараат бељата занимавајќи се со „најголемиот ризик“ - порокот на читање во кревет. Наместо тоа, биле инструирани да го завршат денот со молитва, најморалниот од сите други воведи во сонот.

Дури и славните и мртви можеле да бидат критикувани за практикување на споменатото. Една биографија на авторот на „Гуливеровите патувања“, на пример, тврдела дека Свифт за малку ќе го запалел Даблинскиот дворец, а за да го скрие инцидентот се обидел да поткупи некои од локалните службеници.

Реално, бројката на пожари предизвикани од свеќи покрај креветот сепак била многу помала од паниката која се кревала по ова прашање. Од 29,069 пожари регистрирани во Лондон од 1833 до 1866, само за 34 причината била читање во кревет. За исто толку пожари биле виновни, на пример, мачки.

Зошто тогаш луѓето се чувствувале загрозено од оваа навика? Веројатно затоа што претходно никој и никогаш не читал во кревет - книжевноста се пренесувала усно, во групи, што можело да се прави и во темница. Освен тоа, до 18 век легнувањето в кревет со книга била ретка привилегија на оние кои знаеле да читаат, имале пристап до книги, и можеле да си го дозволат луксузот да бидат сами. Пронаоѓањето на Гутенберговата преса го трансформирала читањето во себе во вообичаена практика, поврзана со еден друг феномен - развојот на концептот на приватност. Иако некои уживале во новостекнатото право да бидат раат од од луѓе, другите се плашеле дека читањето во осаменост поттикнува приватен живот полн фантазија, кој може да го загрози колективот.

Една од тие „закани“ била наводната поврзаност на читањето со мастурбацијата. Според историчарот Томас Лакер (Thomas Laqueur), „романите, како и мастурбацијата, за жените биле алтернативна придружба во креветот“. Индивидуалната автономија, во случајов на жените, можела да доведе до пад на колективниот морален поредок.

Според една приказна, славната сопранистка Катерина Габриели читала таков роман кога заборавила да се појави на вечера каде била поканета цела сицилијанска елита, во дом на некој аристократ од Палермо, кој имал намера да ја проси. Курирот кој дошол да види што е работата, ја нашол со книгата в кревет. Таа се извинила за лошите манири, но потоа продолжила да чита.

Моралната паника е постојан придружник на социјалната трансформација. Интернетот, кој го има променето начинот на кој луѓето читаат и комуницираат, е современа верзија на романот. Сега читањето на монитор пред спиење е причина за здравствени предупредувања и ризици. Но што се однесува до самиот чин на читањето, работата во 21век е обратна од оној во 18 - денес, кога луѓето си легнуваат со мобилниот в кревет за да читаат, куп пријатели и туѓинци ѕиркаат од екранот. Ако некогаш преголемото количество приватност со книга в рака било проблем, сега е проблем што никогаш додека читаш не можеш да бидеш сигурен дека си сосема сам.

Извор: Атлантик

22 мај 2017 - 17:03