Нови документарци за тројца славни музичари

Кит Ричардс, Роџер Вотерс и Френк Запа се музичарите кои наскоро ќе добијат нови документарци, базирани на нивниот живот и дела. Ричардс на истиот ден кога ќе излезе филмот ќе објави и соло албум, прв по повеќе од дваесет години.  

„Под влијание" (Under the Influence)

На 18 септември на Нетфликс премиерно ќе биде прикажан филм за славниот гитарист на Стоунси. Тоа е истиот ден кога Ричардс ќе го објави неговиот прв соло албум по повеќе од 20 години, под наслов Crossyed Heart (Разроко срце). Режиран од оскаровецот Морган Невил, за филмот се вели дека ќе биде „поглед во звуците и влијанијата на славниот музичар без преседан". Тој ќе го следи додека се подготвува за неговиот нов албум, а ќе содржи и ретки архивски материјали.

„Ѕидот“ (The Wall)

Кино-премиерата на документарецот за Роџер Вотерс е закажана за 29 септември. Неговите автори велат дека е дел концерт во живо, дел рок документарец, и дел лично патување. Во центарот на прикажната е тригодишната тура на Вотерс со перформансот поврзан со албумот The Wall од 1979, со којшто го обиколи светот. Во позадината оди личната приказна на Вотерс, и неговото соочување со смртта на татко му.

Френк Запа

Алекс Винтер, режисер на документарецот Deep Web, ќе го прави и овој за Запа, чија премиера се предвидува за 2017. Засега без наслов, тој е базиран на сценарио на самиот Винтер, кој вели дека до сега немало дефинитивен, авторизиран документарец за исклучителниот живот и дело на Френк Запа, а неговиот ќе биде токму таков. Синот на Запа, Ахмед, веќе дал благослов за проектот, велејќи дека приказната за неговиот татко не е лесно да се раскаже, но дека тој и семејството веруваат дека Алекс навистина го разбира човекот зад музиката.

31 јули 2015 - 16:03