Електроника, или авто-историја на еден жанр

Нов албум на Жан-Мишел Жар

Масив атак, Лори Андерсон и Моби се меѓу соработниците на новиот проект на Жар, кој не само што физички изгледа доста свежо за свои години, туку според она што го слушнавме од албумов има уште многу да каже во полето во кое беше еден од пионерите.

Последен пат за нов албум на Жар чувме во 2007, кога тој го издаде концептуалниот „Тео и Теа", љубовна приказна за два лика кои минуваат еден ден заедно, а кој беше придружен со анимирано видео. Истата година излезе и ремастерираниот, антологиски „Оксижен", кој во седумдесетите се продаде во повеќе од 15 милиони примероци. По 8 години, пионерот на електронската музика најавува нов албум.

„Сакав да раскажам приказна за историјата на електронската музика и нејзиното наследство од моја гледна точка, и од моето искуство, од моментот од кога почнав до денес", изјавил Жар, кој одбележува четириесет години работа во музичките води. Албумот се вика „Електроника, прв дел: Временска машина", и ќе излезе на 16 октомври. На него има 16 парчиња, и соработки на Жар со негови омилени музичари, како Танџерин дрим, Лори Андерсон, Моби, Масив Так и Пит Таусенд, кои според него директно или индиректно придонеле кон оваа сцена.

Проектот, кога ќе заврши, ќе има два „тома", а вториот ќе биде објавен следната пролет. Еве го трејлерот за нешто што звучи моќно. Патемна забелешка: згодниов композитор има 67 години. Францускиот акцент е гратис.

29 август 2015 - 12:36