#твитерфилмскиклуб

„Ноќен воз за Лисабон" (2013)

Празнициве твитерџиите гледаа филм, кој во рубрикава се вклопува и затоа што е сниман по истоимениот роман на Паскал Мерсие, швајцарски писател и филозоф.

Еве ги нивните кратки осврти, кои можеби ќе ве поттикнат да го изгледате. За следниот филм ве повикувам на твитап на Скопскиот филмски фестивал, на „Киднапирањето на Мишел Уелбек" во кино Милениум во вторник, 29.04 во 20 часот. Оние што нема да можат да дојдат, може да го гледаат Atomised (2006), германски филм правен според контроверзниот роман (а кој не му е таков?) на Уелбек, „Елементарни честички". Се гледаме!

@JBurgundi

Се плашам дека не го разбрав филмот.
Се плашам дека сум премногу прагматичен да не се запрашам од каде сите знаат англиски у Швајцарија и Португалија.
Се плашам дека сум премногу конектиран на нет, а да не речам па изгуглај го мора ли да го фатиш првиот воз кон непознат град со црвен капут во рака што не е ни твој, па макар бил и тој град Лисабон.
Се плашам дека дупките тука и таму во филмот, малку ми го намалија впечатокот дека се изрекоа, испишаа, прочитаа навистина преубави мисли.
Се плашам дека некој не мора да прави цел филм и да оди низ толку мака ако сака да го слуша Џереми Ајронс како стенка читајќи љубовно философски дубиози на еден млад португалски аристократ.
Се плашам дека откако ќе ја скријам во срцето на багажникот на автомобилот и ќе ја пренесам преку 7 ридови и мориња и планини ќе ми рече:
Не го чувствувам истото за тебе што и ти за мене...
Се плашам дека многу пушам и не знам зашто во филмот сите нешто бараа цигара, па им ги краделе во затворот, па овој кашлал, па овој не пушел...
Се плашам дека сум здодевен!
А можеби и не треба толку многу да се плашиме...
Можеби среќата е поблиску отколку што можеме да си замислиме, токму пред нашите очи маскирана во офталмолог.

@superman237

Го загледав само заради Џереми Ајронс, го догледав оти е фантастична приказна. Повторнотото себеоткривање со помош на истражување на туѓи животи и приказни ме изненади. Да си се најдиш после години затрупани во обрски,правила, навики, рутина треба или многу храброст или ... Приказната сама течи, не е филм што прави турни ме да се стркалам. Си течи како тазе отворено шише кисела вода.

@KaroDav

Комбинацијата книга, патување и Џереми Ајронс е секогаш добитна. Нема многу актери кои можат да му го задржат вниманието на гледачот преку лик кој читајќи туѓа приказна доживува своја. Филмот има тројца "официјални" наратори (режисерот, главниот лик и авторот на книгата во филмот). Сите во филмот се раскажувачи, а ги води една силна реченица "Во време на диктатура, револуцијата е должност". Убав повод да оставите сè и да заминете со првиот воз за Лисабон.

@Martin_Nikolic

Бог, љубов, политика. Три двигатели кои му даваат смисла на човековото постоење. Ни малку не е лесен потфатот овие три концепти да бидат испреплетени во една иста приказна а резултатот да не биде еклектична бесмисла. Кај овој филм (роман), таквиот потфат станува успешен. Најмалку две причини поради кои не зажалив што „утепав" нешто помалку од два часа гледајќи го Night Train to Lisbon. Прво, неговото височество Џереми Ајронс му ја дава неопходната душа на филмот (Да, повторно глуми професор - ерудит, но овој пат не ч'чка андерејџд девојчици). Второ, главните протагонисти се левичари и антифашисти кои во 60-те и 70-те години учествуваат во револуционерното движење против режимот на Салазар. Топла препорака за време на врнежлив викенд.

@qantarot

Night Train to Lisbon е сапунска опера за луѓе кои не гледаат сапунски опери. Сите елементи се тука: љубовен многуаголник во историски контекст, дрвена глума (извинете Џереми и Шарлот), дијалог како од ТЛ на емо-адолесценти со твитoреја, и порој од кадри на лица во агонија, во случај некој да не ја сфатил сериозноста на ситуацијата. Kако сето тоа да не е доволно вештачко, повеќето португалски ликови зборуваат како англиски пациенти заболени од синдром на странски акцент, ендемска болест пострашна дури и од надсинхронизација. Bille August е докажан режисер кој специјализира во адаптации на литературни дела (Les Misérables), но овој пат сценариото му е саботирано од реплики кои можеби звучат длабоко на хартија, но на филм стануваат смешни. Можам да замислам добар филм во кој Jeremy Irons се препородува читајќи книга на непознат португалски врсник задушен од режимот на Салазар, но во тој филм врсникот ќе имаше да понуди нешто повеќе од млитава приказна и епитаф позајмен од подобар писател.

@redkarenina

Екранизирано дело кое е многу веројатно да ве натера да ја побарате и книгата. „Ноќниот воз за Лисабон" е авантура на еден средовечен, досаден човек кој импулсивно ќе се впушти во патување низ друго време и туѓи животи. Дава детален отсечок од момент на живеењето во Португалија во време на фашизмот, но во суштина е силна љубовна приказна. Филмот има одличен актерски тим, прекрасна фотографија и музика изработена по негов терк. На скалата имам достоинствена 8ца.

@IlinaBookbox

Еден од оние случаи кога книгата е подобра од филмот, макар тој бил и со Џереми Ајронс. Од сите можни приказни во него - политичката, љубовната, мистериозната - најсимпатична ми се виде оваа поента: еден професор по мртви јазици конечно е вовлечен во вистинскиот живот преку случајно пронајдена книга. Дури и да беше само за оваа врска меѓу пишаното и живееното, филмов ќе вредеше да се види.

22 април 2014 - 15:23