Штулиќ со нова преокупација

Нешто не штима со Крали Марко

Минатиот викенд на Јутјуб осамнаа нови сминки на Џони - уште 18 бисери на народната музика, меѓу кои „Во убавиот стар град Вишеград", „Во рана зора", „Добро утро мој бекријо". Босанскиот „Дневни аваз" по тој повод му се јавил на Штулиќ дома, во Хутен крај Утрехт.

На Јутјуб имате поставено главно свои верзии на познати народни песни.

- Од повеќе од 300 песни 80 посто се народни.

Во кој период ги имате снимено?

- Во последно време, но и претходно. Немам никаков план..има тука се и сешто.

Снимките се добри.

- Успеаа песните, баш се добри.

Ретко сте задоволни, но сега сте.

- Основна работа е, дека кога е нешто свежо, тоа треба веднаш да го снимам ако имам можност, затоа што тогаш излегува најдобро. Штом го носам во себе две дена, една недела, го губам односот кон тоа и не можам ништо повеќе да направам. Се трефнува, едноставно. Интернет многу ми помогна, ги знаев тие песни 90%, но има доста детали и добро ти доаѓа. Инаку не би можел да ги направам сите, и дури и да ги збогатам со некои песни кои се вон тоа.

Зошто народни песни? Зошто токму тоа ве влече?

- Затоа што тоа е народно. Песна е песна. Народните, кои се зачувани, главно одат на мелодија, а најважно ми е што ова никој претходно не го направил. Мене за овој проект ми требаа 20-30 години, тоа се две агрегатни состојби, како струја од 110 и 220 волти. Она што го почнав шеесетите години е музика на ритам, а народната е или на друг ритам или без ритам. Е сега, мене најголемиот проблем ми беше како тоа да го префрлам од една во друга состојба. Тоа е само песна каква што треба да биде.

Не поставувате свои нови авторски песни на Јутјуб?

- Не. И своите нови песни нема да ги ставам. Тие не се за таму. Тоа е приватна работа. И ова е приватна работа, но на крај краишта, не живее човек на Марс, и тоа е еден компромис, пола-пола.

Ќе ги објавувате ли песните на ЦД?

- Ма какви! Не доаѓа предвид.

Зошто ги објавувате на Јутјуб? Што ви е целта?

- Нема цел. Напросто ми е драго кога се релаксирам, кога ќе уморам очи од книжевност, да слушнам нешто што ми се допаѓа.

Следите ли колку прегледи имате на Јутјуб?

- Можам на прсти да ги избројам, но не ми е гајле. Ако веќе нешто работиш тогаш веројатно нешто работиш и за себе. Мене тоа не ми значи ништо повеќе од тоа. И да не го правам заради себе, некој суд за нешто постои.

И понатаму пишувате?

- Морам нешто да работам. Секогаш има некои дупки и човек несакајќи наидува на нешто.

Што проучувате сега?

- Крали Марко. Тоа е крај на 14. век. Доста работи тука не штимаат. Народните песни сигурно содржат доста работи, но за него не се знае ништо освен дека се женел и дека повторно ја менувал втората жена за првата, па погинал во 1395. Најважни се добровничките архиви, затоа што во тоа време Дубровник бил најсигурниот банкарски град. Ете, тоа ме интересира...

Има логика - народни песни и Крали Марко.

- Сигурно дека има логика, затоа што да немало народни песни никој не би знаел, затоа што за Марко нема две букви. А сигурно вредел. Но исто така е сигурно дека не бил толку голем и убав како што велат во песните, но бил јак во нешто друго. Јас го гледам како просветлен владетел. Но ми фали Шарец.

Имам информација дека ПГП РТС и Александар Пилипенко ви ги нудат сите можни ресурси на располагање да издадете албум кај нив.

- Немам појма.

Тука се најтоплите денови во годината. Како е во Холандија?

- Немам појма, не е нормално...Но веќе се навикнав. Можно е и да стареам па ми студи и кога не студи. И некако имам чувство дека брадата ми се клати, искрено се занимавам со идејата да ставам некоја подвезица под неа.

Кога ви се јавив мислев дека спиете, немаше 11, а некогаш спиевте преку ден.

- Не, работам. Манијакално работам. Менувам ден за ноќ, а воопшто не танцувам. Знаеш она, како се пееше, сите да играат, да имаат сила, да имаат нови чевли, нов бран, „Казалиште"...Знаеш, некогаш и бос одев, секогаш некако аскетски бев расположен. Секогаш живеам аскетски, само додуше во последно време не стојам, како порано, на една нога толку долго.

Како ве држи здравјето?

- Уште стојам на две нозе.

Го спомнавме и роденденскиот концерт кој Горан Бреговиќ го одржа во март во сараевска Зетра.

- Тој заслужи да слави роденден. Знам милијарда пати понезначајни луѓе кои слават поголеми родендени од него.

Ги славите ли вие?

- Таман работа. Немам време.

На 11. април наполнивте 59.

- Не памтам.

Вашите адвокати пред неколку месеци најавија тужба против Кроација рекордс заради неовластено објавување на ЦД-иња на Азра. Во која фаза е тоа?

- Ќе се види.

Не се согласувавте ни со тоа дека еден клуб во Сарајево го носи вашето име.

- Името остана, тоа мене не ме интересира. Но моите слики сигурно ме интересираат. Како и да е, тоа е завршена приказна. Мои слики таму веќе нема ниту било што што е поврзано со мене. Тоа е сега во ред.

Слушнав дека во една прилика ве посетил Сергеј Трифуновиќ.

- Тоа беше одамна. Не примам гости инаку. Исклучоците го потврдуваат правилото.

7 август 2012 - 22:43