Режисерот на „Ганди“

Неколку работи што можеби не сте ги знаеле за Ричард Атенбороу

Вчера, 24.8, на 90 години почина лорд Ричард Атенбороу, актер, режисер-оскаровец и постар брат на природонаучникот Дејвид. Неколку нешта за неговата богата кариера и долг живот во кој доживеал и успеси, но и трагедии. 

Ричард Атенбороу како актер ќе остане запаметен по неговата улога на Џон Хамонд, креаторот на Џурасик Парк во истоимениот филм на Спилберг од 1993. Тоа била прва негова улога по 15-годишна пауза. Хамонд во филмот ги создава диносаурусите од ДНК заробена во килибар. Случајно (или не), брат му на Ричард, Дејвид Атенбороу, поседува голема збирка на фосили во килибар, што е тема на филмот на Би-би-си „Килибарната временска машина" (2004).

Во текот на снимањето на Џурасик парк, Хаваи биле погодени од ураган, најсилен во дотогашната историја. Иако останатите актери биле евакуирани на безбедно место, Атенбороу останал во хотелската соба и спиел цело време дур траел ударот. Кога го прашале како му успеало, рекол - „Драги мои, па јас го преживеав бомбардирањето (во Втората светска војна)".

Првата позначајна улога му била онаа на психопатичен млад гангстер во филмска адаптација на романот на Греам Грин „Брајтон Рок" (1947)

Во 1952 Атенбороу и неговата жена Шила Сим глумеле во оригналната продукција на „Глувчешка стапица" според текст на Агата Кристи, која е претстава која најдолго се задржала на репертоарот во светот - во 2012 ја доживеала својата 25,000-та изведба. Интересно за неа што публиката е замолена да не го открива крајот на нивните пријатели по напуштањето на театарот. Со парите од претставата парот почнал да ја финансира продукцијата на „Ганди", чие снимање било животна амбиција на Атенбороу.

Ганди освои Оскари за најдобар режисер и најдобар филм во 1982. Шефовите на студиото сакале неговиот лик да биде секси (?!), па за улогата првично го имале предложено Ричард Бартон.

Кога го правел филмот Cry Freedom за активистот Стив Бико, Атенбороу бил испрашуван од тајната полиција по неговиот состанок со Вини, сопругата на Нелсон Мандела, чиј долгогодишен поддржувач бил самиот.

Бил доживотен претседател на Челси.

Во 2004 неговата ќерка и внука биле убиени во цунамито во Индијскиот океан.

Атенбороувци имаат голема збирка на керамика од Пикасо, која содржи 140 парчиња.

25 август 2014 - 14:43