Понекогаш е добар совет

„Не читај книги!" - зен песна од 12. век

Иронично е во рубрика која се вика Букбокс да објавуваме песна против читањето книги. Но во случајов не е важно против што е песната, туку за што е за.

Книгата како извор на знаење често се романтизира и преценува, исто како и „начитаните" луѓе, кои можат да бидат невидени тупаџии. Повикувањето на тоа да се читаат книги (често и на нашите социјални мрежи) како просветлувачко и описменувачко интелектуално искуство, кое стои наспроти вулгарноста на секојдневието, понекогаш ни делува смешно кога ќе се сетиме на некои глупи книги кои ни паднале под рака. Плус, читањето е фино, ама уште пофини се ребра на скара крај река.

До слични заклучоци стигнал и кинескиот поет Јанг Ванли во 12. век. Неговата песна зборува за читањето книги како за застранување од суштината на будистичкиот пат, на духовно присуство во сегашноста. Она застранување кое го правиме и во моментов, јас пишувајќи, а вие читајќи го текстов.

Не читај книги!
Не рецитирај песни!
Кога читаш книги
твоите очи забегуваат
напуштајќи ги празните вдлабнувања.
Кога рецитираш песни
срцето полека ти истекува
со секој збор.
Луѓето велат дека читањето книги е уживање.
Луѓето велат дека рецитирањето песни е забавно.
Но ако твоите усни постојано прават звук
како инсект кој зуи на есен,
ти само ќе станеш груб старец.
Па дури и ако не станеш груб старец,
на другите ќе им биде досадно да те слушаат.

Многу е подобро
да ги затвориш очите,
да седнеш во твојата соба,
да ги спуштиш завесите,
да го исчистиш подот
да запалиш стапчиња.
Помага да го слушаш ветерот,
да го наслушнуваш дождот,
да прошеташ кога имаш сила,
а кога ќе се умориш, да заспиеш.

Песната на англиски тука 

21 август 2014 - 09:58