Настап на уметникот Улај во Њујорк по три децении

Изложбата која ќе биде отворена во галерија во Бруклин од 6 мај до 1 јуни 2016, се вика Воден жиг/Минување низ облаците на митот, и вклучува инсталации и перформанс кој ќе се одржи на 7 мај.

Улај, чие вистинско име е Франк Уве Лајсипен, а кој во последно време живее и работи во Амстердам и во Љубљана, стана познат преку неговите радикални перформанси од почетокот на 1970-тите, но најмногу преку неговата врска и соработка со Марина Абрамовиќ. Последниот негов индивидуален перформанс во Њујорк се одржал во 1986, што значи дека ова е негов прв настап во градот по триесет години. Проектот, кој на овој 72-годишник му е прв по добиената битка со ракот, е резултат на негова соработка со словенечкиот уметник Јаша, а тој се најавува како „серија дејства, интимен хепенинг, експериментална инсталација и јазик на комуникација".

Овие апстрактни описи покажуваат дека настанот е обвиткан во тајност. Единствено се знае дека перформансот на Улај ќе биде поврзан со вода, со оглед на насловот, но имајќи го предвид и фактот дека тој во последно време се интересира за прашањата на животната околина, особено за иницијативи кои ја зголемуваат свесноста за нашиот најскапоцен ресурс - водата. Неговиот официјален сајт под наслов Каталог на земја и вода е еден вид архива на дела поврзани со водата на различни уметници. 

Работата пак на Јаша Мревље-Полак се опишува како „трансформирање на простори во искуства“, а неговиот најнов проект беше одлично оценетата инсталација и серија перформанси кои ги направи на Венецијанското биенале.

Претходно: Моментот на средба после многу години меѓу Улај и Абрамовиќ во текот на нејзиниот перформанс во МоМА во 2010

3 мај 2016 - 14:19