Одбра: Оливера Ќорвезироска

Најважните македонски книги објавени во 2015

Една од работите за кои сами себе си замеруваме секоја година е што недоволно сме ги следеле македонските автори и нивните нови книги. За тоа имаме грст оправдувања - од тоа дека денот има 24 часа а дека ова е човек-рубрика, преку тоа дека често сме се разочарале од она што стои помеѓу корици а е напишано на македонски па дуваме и на книжевен јогурт, до - најважното - дека немало кој да ни каже што вреди и тоа да е навистина така.

А не е дека нема, само треба да ти текне. Оливера Ќорвезироска е писателка, лектор, но и меѓу ретките активни и посветени критичари токму на нови дела од македонски автори. Речиси цела година, секоја сабота, нејзините осврти излегуваа во Слободен печат, за есенва да секнат и од нив да нема речиси никаква дигитална трага (зошто, и зошто?).

Како и да е, ѝ се обративме со молба да ни ги издвои нејзините топ 3 македонски книги од изминатата година, со кратко образложение. Еве го нејзиниот избор, а наша обврска истите да ги прочитаме за празнициве (освен онаа на Румена, за чијашто промоција бевме (не)одговорни тука)

1. Гоце Смилевски: „Враќањето на зборовите", „Дијалог", Скопје 2015

Книжевно, 2015 ќе ја помнам по најновиот роман на Гоце Смилевски, затоа што „Враќањето на зборовите" е поважен настан за сите нас, отколку за авторот: виза за нашиот мал јазик слободно да патува на која било точка на Книжевната топка. Смилевски ги отсрами и одбрани и нашиот јазик и нашето постоење... Излегувањето на овој роман донесе повеќе празничен молк, отколку делнична врева во домашната книжевност. (цел осврт тука)

2. Владимир Јанковски: „Невидливи љубови", „Антолог", Скопје 2015

Вториот роман на Владимир Јанковски не требаше да нѐ изненади со квалитетот, затоа што ни првиот („Вечно сегашно време" од 2008) не беше лош. Сепак, нѐ изненади. Одличен! Од корица до корица, од реченица до реченица. Една прецизна вертикала во неговото и во нашето (македонското) прозно писмо. Јасно, чисто, ферментирано, почнато и завршено. Точката на крајот од романот метафорично е две точки за неговото наредно дело. Се надевам за помалку од 7 години!

3. Румена Бужаровска: „Мојот маж", „Блесок", Скопје 2014 (прво издание); „ИлиИли", Скопје 2015 (второ издание)

Третата збирка раскази на Румена Бужаровска ја сметаме како успех на 2015, зашто тогаш се појави нејзиното второ издание и сите нѐ покоси. Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години. Единаесетте раскази се компактни, сложни и единствени во совршената изедначеност во вредносна, естетска смисла. Нема подобри и полоши раскази, нема поважни и помалку важни, сѐ и сите се свои и посебни, секој (пре)доволен самиот за себе, а сепак, во контекст на Целото – само совршено вклопени камчиња во мозаикот со дванаесеттата зададеност - антологичноста.

За светските книжевни трендови во 2015 тука

9 декември 2015 - 18:12