Врската меѓу економската (не)еднаквост и демократијата

Најпознатата книга на добитникот на Нобел за економија

Ангус Дитон, кому вчера (вторник) му беше доделена Нобеловата за неговите долгогодишни истражувања на потеклото на нееднаквоста, има две хобија: опера и риболов. 

Можеби токму ова му помага да биде оптимистички настроен во проценката на светската благосостојба. Сепак, неговата најпозната книга од 2013 содржи и неколку отрезнувачки (и предупредувачки) елементи. Под услов да не е веќе доцна и за трезнење, и за предупредувања.

„Големото бегство: здравјето, богатството и потеклото на нееднаквоста" е обид да се одговори на прашањето - дали светот станува истовремено и побогато и поправично место за живеење? „Бегството" во насловот се однесува на избегнувањето на раната смрт, односно напредокот во здравствената заштита, особено од индустриската револуција до денес. На ова, според Дитон, се должи фактот дека животот денес е подобар од кога и да е во историјата. Но тоа не значи дека самиот прогрес не создава нееднаквост, а глобалната нееднаквост е во голема мерка резултат на модерниот економски напредок.

Глобализацијата на просперитетот од Втората светска војна наваму довела до парадоксална ситуација. Од една страна милиони луѓе се спасиле од сиромаштијата, но додека богатите земји продолжуваат да напредуваат, други или тапкаат во место или назадуваат. Само неколку земји (Кина, Тајван, Јужна Кореа, Сингапур, Малезија и Боцвана) пораснале за повеќе од 4% помеѓу 1960-2010, што резултирало со седумкратен пораст на просечните примања. Но голем број земји воопшто не напреднале (ДРКонго, Хаити, Нигер, Никарагва) и всушност се во полоша состојба отколку пред половина век. Сепак, и покрај тоа што само неколку земји во светот се развиваат со неверојатна брзина, на просечниот светски човек му е подобро отколку на просечната земја во светот.

Која е главната пречка за развој на сиромашните земји? Тоа според Дитон не е недостатокот на ресурси, туку лошите влади. А токму тие директно или индиректно ја добиваат странската помош, која во таквите случаи само создава илузија на помагање: „Искоренувањето на сиромаштијата не е како да поправаш расипан автомобил или да спасиш дете што се дави во езерце", вели Дитон.

Освен тоа, економската нееднаквост е постојана закана и за онаа политичката, која ја подразбира демократијата. Грижата за ова не е само некаква класна борба, туку грижа за благосостојбата на сите.

„Колку што е поекстремна економската нееднаквост, толку е поголема заканата кон демократијата. Ако демократијата се компромитира, постои дирекна загуба на благосостојба, затоа што луѓето имаат добра причина да ја вреднуваат нивната способност да учествуваат во политичкиот живот, а загубата на таа способност е клучна закана за секаква друга штета.

Богатите немаат потреба од јавно образование или од здравствена заштита...Тие имаат уште помалку причини да ги подржуваат здравственото осигурување за сите, или да се секираат за нискиот квалитет на јавните училишта. Грижата за последиците на екстремната нееднаквост оттаму нема врска со зависта кон богатите, туку со стравот дека рапидно растечките топ примања се закана по благосостојбата на сите останати."

14 октомври 2015 - 10:15