Најкраткиот некролог

Деновиве наидовме на веројатно најконцизниот некролог на сите времиња, на извесен Даглас Леглер од Северна Дакота, кој по негова сопствена желба гласи: „Даг умре". Ама и помеѓу писателите, кои по дефиниција се речити, има еден кој посакувал сличен.

Она што сакаме последно да му го кажеме на светот, преку епитаф или некролог, многу кажува за она како сме живееле или што во него ни било најважно. На денешен ден, 6 јули 1962 почина Вилијам Фокнер, двоен добитник на Пулицер и Нобеловец, кој бил прилично самосвесен за тоа како живее и дали, и по што, сака да биде запамтен. За да не му ја утне постхумно некој работата, си испланирал и последен поздрав.

Во 1946 Малком Коули (Malcom Cowley) работел на уредувањето на The Portable Faulkner, од оние антологиски изданија на Пингуин Класикс, кои на повеќе стотина страници содржат избор од делата на познати автори. Коули по тој повод му се обратил на Фокнер за од него да извлече некои помалку познати биографски детали, но овој го одбил. Истото се случило и три години подоцна, кога Коули добил задача од списанието Life да направи биографски есеј на славниот писател, нешто што овој го протолкувал како нарушување на неговата приватност.

Во писмо до Коули, само неколку месеци пред да ја добие Нобеловата за литература, тогаш 51-годишниот писател кажува нешто што, како што самиот вели, може да му биде и некролог, и епитаф:

„До крај ќе протестирам: не сакам фотографии, не сакам снимени документи. Мојата амбиција е да бидам повлечена личност, избришана од историјата, без трага освен во печатените книги; сега посакувам да имав доволно свест и подобро да планирав пред триесет години, па и да не ги потпишував. Мојата цел е, и секој мој напор е насочен кон тоа, сумата и историјата на мојот живот, кои во истата реченица претставуваат и мој некролог и мој епитаф, да гласи: Тој пишуваше книги, и умре."

Епитафот сепак не е запишан на неговиот гроб, на којшто пишува - уште пократко - само „Фокнер“. Но затоа пак на него постојано има виски.

6 јули 2015 - 16:32