Најконзервативната христијанска заедница во САД издаде родово-неутрално Свето писмо

Јужните баптисти, најголемата протестантска деноминација во САД и истовремено едни од најконзервативната христијанска заедница во оваа земја, со децении проповедаа буквални пристапи кон Библијата. Но нивниот неодамнешен превод покажува дека и кај нив ставовите почнуваат да се менуваат.

Пред неколку месеци издавачкиот сектор на 15-милионската Јужно-баптистичка конвенција (ЈБК) ја издаде „Христијанската стандардна Библија“, како што тие го нарекуваат својот превод на Светото писмо. Најголемиот дистрибутер на христијанска литература во САД, LifeWay Christian Stores, чиј сопственик е всушност спомнатата Конвенција, го продава ова издание на стотици локации низ целата земја. Но купувачите главно не се свесни дека оваа верзија не е иста со досегашните преводи на истата деноминација, туку дека е родово инклузивен.

Ваквите вести веројатно би шокирале многумина од верниците. Досегашните ставови на истата религиска заедница беа дека Библијата ѝ одредува потчинето место на жената во однос на нејзинот сопруг, и дека модерните ставови за трансродовиот идентитет го нарушуваат божјиот ред - однапред дефинираните машки и женски улоги. Од доцните 1990-ти групата јавно има осудено неколку преводи на Светото писмо кои се обидуваа да употребат родово неутрален јазик, велејќи дека политичката коректност е закана за интегритетот на Божјото слово.

Како одговор на ваквата закана ЈБК нарача сопствен превод на Библијата, кој беше финализиран во 2003. Нејзина намера беше „да ја изнесе апсолутната библиска вистина, наспроти социјалните или културните агенди кои би ја компромитирале нејзината точност“. Преводот беше добро прифатен, и сè беше мирно повеќе од една деценија. Но сега, кога се објави нов, ревидиран превод, одреден број од истите „родово неутралени“ елементи кои ЈБК претходно ги осудуваше, се вметнати и во нејзиниот превод.

Така на пример грчкиот збор anthropos (маж) сега се појавува во родово неутрална форма 151 пат низ целото Писмо, и тоа во вид на „човек“, „луѓе“, „тие“. Adelphoi (браќа) во 106 случаи е заменет со „браќа и сестри“, а „братска љубов“ со „братско-сестринска љубов“. Истото важи и за Стариот завет, каде „Адам“ (хебрејски 'dm) е заменет со генеричките „човек, човештво, човечки вид, луѓе, личност“, и тоа 242 пати.

Официјални претставници на црквата ја одбиваат одредницата „родово неутрален“ за нивниот нов превод, велејќи дека тој е „родово прецизен“. „Се користат машки заменки за Бог, за свештениците, а се користат и машки и женски онаму каде тоа го имал предвид авторот“, велат тие.

Ваквиот чекор на Јужните баптисти се смета за нешто повеќе од едноставно деноминациско прашање. Со оглед на тоа што ова е најголемата протестантска заедница во Америка, а истовремено една од најконзервативните, фактот дека нејзините водачи и членови почнуваат да толерираат по „мек“ и поинклузивен пристап кон родот, е можеби сигнал за поинакви времиња во родовите војни.

12 јуни 2017 - 10:43