The + име на бенд

Најгласниот збор во рокенролот

Не е ни именка, ни глагол, ни придавка, туку е - член. Англиското "The" пред имињата на бендовите речиси еден век од нив прави сериозна институција.

Во македонскиот Битлси си се Битлси. Но во англискиот името на славната група без The пред него едноставно не е тоа тоа. „Испуштањето или вклучувањето на овој збор има некаква реторичка поента", вели Џеси Шидлоуер, еден од уредниците на Оксфордскиот речник на англиски јазик. The Beatles, The Animals или The Rolling Stones - ова сугерира дека поединечните членови ја сочинуваат таа една единствена група под тоа име, која со the-то пред него делува не (само) како бенд, туку и како некаква безмилосна банда.

Текст посветен на оваа тема во Атлантик, содржи кратка историја на појавата на овој збор во имињата на артистите и групите од американско тло. Во текот на доцните 1800-ти и раните 1900-ти, изведувачите главно настапувале под сопствени имиња, а кога се групирале го испуштале членот. Некои на плочите немале го немале the-то, но на флаерите и постерите го имале, веројатно зависно од моменталното расположение на оној кој го составувал и го печател текстот. Но од 1920-тите тоа веќе станува стандард - The Original Memphis Five, The Serenaders се само некои од имињата на тогашните бендови, а најчестата конструкција била име на водач на оркестар+д оркестар.

Тајлер Шнобелен, социолингвист со докторат од Стенфорд, го истражувал присуството и отсуството на the на топ-листите на Билборд од 1890 до крајот на 2012. Притоа биле земени предвид 39.046 песни од 8.758 артисти - во оваа група 3.913 нивни имиња почнувале со The (меѓу кои и групата со мета-име The Band). Пикот бил во 1966, кога од 372 различни артисти на оваа топ-листа, 114 биле групи со 'the'. Најчести букви пак во самото име на бендот после членот биле b, j, m и z, а избегнувањето на самогласка во тој случај е заради тоа што во таков случај членот лесно се спојува во изговорот со самото име (The Eaglеs - Theagles).

Единствено име на наш бенд што ни текнува, а го содржи членот, е The John. Ама може да се проба и со други. The K.У.Р.?

20 август 2014 - 08:51