Концептуалнoто видео доаѓа од блиску

Најдобрата политичка кампања на сите времиња, или човекот што фрли камен во езеро

Што останува откако веќе сè е кажано во врска со актуелната политичка ситуација, изборите, немањето правда и немањето мир? Тогаш од зборување треба да се премине на - делување. Токму она што се случува во ова видео.

Малку контекст: човекот којшто на почетокот на долниот клип неподносливо долго ќе ве гледа в очи е Мајк Гравел, поранешен сенатор од Аљаска кој учествувал во трката за кандидат за претседател на САД од страна на демократите во 2008. Од денешна гледна точка, тој се смета за прото-Сандерс експеримент - на настапите зборувал отворено, дури и преотворено, на пример дека војниците во Виетнам умреле „за џабе", дека САД треба веднаш да излезе од Ирак, дека владата треба да ја прекине војната против дрогата, и дека треба да дозволи геј бракови. И сето ова пред осум години.

Неговиот стил не му ги донел потребните гласови, па човекот од тогаш се ангажира околу други каузи, како „Вистината за 9/11" или можното постоење на вонземјани. Но она по што ќе остане запаметен, ако ништо друго, е неговата рекламна кампања од времето кога се кандидираше. Наместо непотребно дрн-дрн, убедување, молење, апелирање, зголемување на свесноста, ветување, тој се одлучува за минимал варијанта, но со голема тежина. И на нашата политичка сцена тишината знаела „сама да го рече", но во настапот на Гравел (презиме кое патем значи 'камчиња'), има и еден пресврт. Погледнете:

Митски Атлас кој од себе го отфрла каменот - тежината на светот? Фрлен камен кон структурите на моќ кои нè преплавуваат? Нурнување кон длабочините? Што и да сакал од сето ова да ни каже Гравел во 2007 денес е уште актуелно - политичкиот ангажман не е во зборувањето, туку во делувањето.

„Каменот" е едно од двете видеа кое Гравел го има направено со двајца 24-годишни уметници од Јужна Калифорнија. Второто се вика „Прачки" и не е толку радикално, но сепак е поучно и повторно има врска со некаков физички ангажман. Ако сакаш да му веруваш на политичар дека ќе заврши некоја работа, прво види дали може во шума да собере прачки и - да запали оган. Следно ниво би било како во оние реални шоуа за опстанок, да успее да фати зајак и да го спреми на ражен. Вообичаените политички кампањи те убедуваат во спротивното, дека зајакот сам ќе си дојде, и доброволно ќе се самоиспече.

17 мај 2016 - 08:46