Вселенска тарабука

Најбараниот рачно изработен инструмент

Како реликт од камено доба, комбиниран со хај-тек дизајн - вака изгледа инструментот за чија изработка се чека со години.

Handpan (ракотепсија?) е челичен инструмент измислен пред десетина години од швајцарските уметници Феликс Ронер и Сабина Шерер. Обајцата се експерти за изработка на предмети од челик, а овој нивен инструмент го крстиле Hang, што на швајцарско-германски од Берн значи „рака".

Нивната компанија ПАНАрт е формирана 2000-та, а набргу бројот на порачките толку пораснал што не можеле да излезат на крај со нив. Бидејќи не сакаат производството да стане масовно, измислиле нешто ново: од потенцијалните муштерии се бара рачно да напишат писмо во кое ќе образложат зошто сакаат да го имаат овој инструмент. Малкумината одбрани доаѓаат во работилницата во Швајцарија (на свој трошок), каде си го купуваат hang-от лично. Додека се таму учат за неговата историја и употреба, како и за начинот на негово одржување.

Ронер и Шерер не сакаат да даваат интервјуа и да го губат скапоценото време на ПР. Но затоа почнуваат да никнуваат други фирми кои се обидуваат да го копираат процесот. Сепак, и за нив важи тоа дека се држат до мали бројки и до квалитетна изработка - како во ниту еден друг бизнис, во овој продавачите практично ги одбегнуваат купувачите, а конкурентите воопшто и не се конкуренти во класичната, душманска смисла, туку се однесуваат како едно големо семејство во кое тајните на занаетот се споделуваат на општо задоволство. На упатството кое го издава една од тие фирми за хендпенот пишува:

Сакаме да знаете, пред да примиме и еден цент од вас, дека нема секој од вас да биде успешен во свирењето на овој инструмент...

Да се научи да се свири ќе бара стотици, дури и илјадници часови вежбање и експериментирање. Очекувајте безброј грешки и неуспеси пред да успеете. Ќе бидат потребни време, пот, болка, разочарувања, одлучност, верба и бескрајна љубов за уметност.

Вакво предупредување треба да закачуваат на сè на што човек ќе се нафати - од трчање до пишување книга. Ама кога ќе ги чуеш овие вселенски звуци, сето тоа изгледа некако лесно.

Тука апликација да си пробате виртуелно

Еден од ретките иноватори во ваква смисла кај нас е Оливер Јосифовски од Љубојна, кој во 2007 промовираше инструмент „Олистаклофони", кој работи на принципот на: "пиезо-контакти што врескаат наспроти кристалната решетка на силициум диоксид што трепери и милува". Што и да значи, тоа добро звучи.

13 септември 2014 - 10:01