За стереотипноста на еден музички дискурс

Музика за убивање

19-вековна класична музика, особено онаа на Бетовен, се користи во игрите со пукање во прво лице (first-person shooter games). Романтицизмот, значи, е преферираната музичка придружба на виртуелното убивање.

За музиката во видео игрите, и популарноста на симфониските концерти на коишто таа се изведува пишувавме и претходно („Концерт за џојстик и монитор"). Она што е интересно е што во оние со многу пукање по некаков автоматизам се користи германска музика од периодот на романтицизмот, или нешто што личи на неа.

Во раните игри од ваков тип (како Wolfenstein 3D од 1992), според аналитичарот на The Daily Beast, музиката повеќе личела на „дементна мелодија за рингишпил" отколку на таква соодветна за видео битка. Но како што конзолите станувале поквалитетни, композиторите можеле да му дадат оддишка на нивниот „внатрешен Вагнер". Веќе во 2000-те оригинални дела на германски композитори, или музика којашто звучи како инспирирана од нив, веќе има насекаде.

Хорови, крешенда за време на најдраматичните моменти, звуци на тардиционален симфониски оркестар, се карактеристични и за „пукачките" игри, но и за акционите филмови. На врвот на списокот комерцијални филмови со најмногу жртви на екран стои „Господар на прстените: враќање на кралот", во кој некој избројал 863 убиени и умрени ликови (без животни). Неговиот композитор, Хауард Шор, изјавил дека инспирација црпел од делата на Чајковски, Рахмањинов и Бетовен. Второто место по број на жртви на филм оди кај „Небесно кралство" на Ридли Скот со 610 жртви, а и тука музиката се потпира на целосен оркестар плус гласови, исто како што тоа го правел Малер пред 110 години. Иако филмот се одвива во 12 век па би се очекувало дека во него би преовладувала средовековна музика, композиторот Хари Грегсон-Вилијамс, иако се обидува да вметне вакви „постари звуци", кога ќе дојде до главните битки сепак се врти кон 19-вековен романтицизам.

Значи, без оглед дали приказната вклучува самураи или Тројанска војна, очекувањата дека музиката треба да звучи „бетовеновски" останува. Дури и хеви металот не е доволно „хеви" за оние композитори кои бараат зачин за сцените со тепање. Евентуална алтернатива, кон која се прибегнува главно заради немање средства, е електронската музика, која е наједноставнио извор на музичка илустрација во електронските игри. И додека за неа се вели дека има хипнотички квалитет кој го внесува играчот во отапена состојба на умот во однос на надворешниот свет, нea сепак ѝ фали крвожедна драма на тевтонските композитори.

25 февруари 2015 - 08:31