Летечкиот Штокхаузен

Mузика за четири хеликоптери и оркестар

Концептот за едно од најпознатите дела на Штокхаузен на славниот композитор му дошол на сон. Ама лесно е да сонуваш хеликоптери, оди изнајми ги, стави по еден музичар во нив и организирај цела логистика за пренос на изведбата. И притоа расправај се со поборници за заштита на животната средина, за кои експерименталната музика е „загадување“.

Карлхајнц Штокхаузен, еден од најконтроверзните композитори на 20-тиот век, чие визионерство според многумина допрва ќе биде вреднувано, до неговата смрт на 79 години произвел околу 370 дела. Меѓу најпознатите и најкомплексни (по содржина но и по логистика за изведба) е Helikopter-Streichquartett, кој е токму тоа што го најавува насловот - музика за жичан квартет, четири хелихоптери со пилоти, како и дополнителна аудио и видео опрема. Иако функционира и како засебно дело, тоа е исто така трета сцена од операта „Среда од светлина".

Хеликоптерскиот квартет бил нарачан од директорот на Салцбуршкиот фестивал во 1991. Најпрвин Штокхаузен рекол дека не е заинтересиран да пишува за жичани инструменти, но се предомислил откако целата работа му дошла на сон:

Слушав и видов четири музичари на жичани инструменти во четири хеликоптери како летаат и свират. Истовремено видов луѓе на земјата седнати во аудио-визуелна сала, и други како стојат надвор на голем плоштад. Пред нив, четири кули телевизиски екрани и звучници: лево, полулево, полудесно и десно.

Поголемиот дел од времето жичаните инструменти свиреа „тремоло" кое добро се совпаѓаше со ритамот на перките на елисата, што правеше хеликоптерите да звучат како музички инструменти.

Кога се разбудив, силно почувствував дека нешто ми беше пренесено, на што самиот не би се сетил. Никому не му кажав за тоа.

Започнал долг процес на преговори со австриската армија и со Фестивалот во Салцбург за најмување на хеликоптерите, како и со различни ТВ канали кои би го пренесувале настанот. Но Австриската партија на зелените непосредно пред премиерата во 1994 организирала протести со став дека „не смее да се дозволи австрискиот воздух да биде загаден од изведба на Штокхаузен", заради што таа била откажана. Затоа, првата изведба се случила во Амстердам една година подоцна, со хеликоптери на холандската кралска армија.

Снимка на квартетот направена во Бирмингем во 2012:

А тука може да погледнете 77 минутен документарец за премиерата во 1995

11 септември 2014 - 18:34