Moжеме да слушнеме гестови без да ги гледаме?

Дали некој гестикулира додека зборува, или воопшто не ги употребува горните екстремитети, прави голема разлика во тонот и гласноста на изговореното. И ова го чувствуваме спонтано, дури и кога не го гледаме. 

Еве еден експеримент кој може да се проба следниот пат кога ќе зборувате со некого на телефон: додека го слушате како зборува, обидете се да погодите дали тој гестикулира со рацете и како. Има голема шанса човекот со кого муабетите да се движи додека зборува, и неговите движења да оставаат „акустичен потпис“ што можете да гo слушнете, односно почувствувате без реално да гo видите.

Ова е ставот на Вим Пу (Wim Pouw), когнитивен научник од Универзитетот Радбуд во Холандија, и автор на нова студија на оваа тема.

Во претходно истражување, Пу открил дека движењата на горните екстремитети и зглобовите акустично влијаат врз вокализациите. Тоа наједноставно значи дека ако некој зборува и истовремено гестикулира ги изговара зборовите на еден начин, а кога рацете му се мирни на друг. И дека ова соговорникот може да го почувствува дури и ако разговорот се одвива преку ѕид или преку телефон. 

Сега, работејќи со тим истражувачи од Универзитетот од Конектикат, тој дошол до следново сознание: луѓе кои слушале снимка од човек кој вели „ах“ додека прави гест со раката како да цепи дрва можеле точно да ги реплицираат неговите движења,без да имаат каква и да е визуелна референца. И не само тоа, точно го погодувале и темпото на движењето.

Ова е мала студија, која вклучува само 30 слушатели и шест „вокализирачи“. Но сепак Пу и неговиот тим велат дека резултатите ја поддржуваат теоријата според која гестикулирањето не е само форма на визуелна комуникација чија цел е да го засили изговорениот збор, туку биолошки импулс кој влијае врз говорот на свој начин.

Имено, гестикулирањето предизвикува телесни вибрации и промени на мускулите кои влијаат на респираторниот систем и оттаму на висината на тонот и гласноста на зборувањето. Ова е приказна која е повеќе поврзана со био-архитектурата на телото, и која може да помогне во разјаснувањето како еволуирале вербалниот и невербалниот јазик. Дури и луѓе кои се слепи упоребуваат гестови кога зборуваат со луѓе кои се исто така слепи, и ова значи дека гестовите немаат врска само со визуелното.

Што значи ова во моменталната ситуација? Како што кризата со Ковид-19 продолжува, веројатно ќе стане уште поважно да зборуваме со рацете, на видео конференции и четови. Истото важи и во живо, со оглед на тоа што носењето маска и стоењето подалеку ја отежнува комуникацијата само со глас. 

8 јуни 2020 - 16:41