„Мондегрин" или феноменот на погрешно слушање стихови од песни

Ви се случило во уво да ви влезе збор од песна од кој никако не можете да се отарасите, дури и кога знаете дека нема шанси тој да гласи така? Не се секирајте, и на други им се случува, а феноменот си има и име.

Дали е до нас или Квин во „Боемска рапсодија" не пеат Beelzebub has a devil put aside me, туку The algebra has a devil for a sidekick? Постојат цели архиви на вакви погрешно слушнати стихови, кои лингвистите ги нарекуваат - мондегрин.

Името на феноменот потекнува од писателката Силвија Рајт, односно од нејзиниот есеј „Смртта на лејди Мондегрин" објавен во Харперс Магазин во ноември 1954. Во него таа објаснува дека името на извесната лејди и дошло откако уште како дете погрешно слушнала стих од некоја шкотска балада, наместо And laid him on the green, Лејди Мондегрин. Тоа толку ја опседнувало што одлучила да напише цел расказ за фиктивниот лик.

Има повеќе типови „мондегрини", според тоа како доаѓа до грешката. Можеби сте слушнале зборови изрази кои се слични, па сте ги замениле (ова се вика малапропизам или „егкорн"). Можеби збор од странски јазик си го префрлате во некој сличен по звучност во вашиот, иако двата збора немаат никаква друга врска (ова се вика сорамими - јапонски термин за хомонимска замена на зборови во стихови од песни).

Психолошки, се работи за потребата на умот да наоѓа значење дури и таму кадешто го нема. Така дури и најбизарните зборови и изрази ретроактивно човек си ги толкува така за тие да имаат смисла. Втората причина е што нашите очекувања влијаат врз нашите сетилни перцепции. Така, ако очекуваме некоја храна да лути, таа ќе ни лути повеќе од нејзината реална лутина. По истата логика ако вашиот став кон светот е песимистички, ќе бидете посклони погрешно да слушате стихови во оваа смисла (I'm a believer како I'm gonna leave her). Tрета причина: зборовите имаат тенденција да се „прелеваат" односно спојуваат кога се пејат. Лингвистички ова се вика „метричко подредување" и исто така може да резултира со погрешно слушнати зборови.

Сето ова е објаснето во анимацијата подолу. Ако ви текнува на некои слични примери на македонски, пишете тука

17 ноември 2015 - 15:13