Букбокс гледаше

„Момчештво" (Boyhood, 2014)

За што се раскажува во овој филм? За едно момче. И тоа не би било ама баш ништо посебно, доколку не сте сведок на неговото реално растење, и тоа за 12 години во текот на три часа.

Режисерот Ричард Линклејтер го чепна концептот на следење на едни исти ликови низ времето во трилогијата Before, со Итан Хоук и Жули Делпи, но со овој филм комплетира нешто што повеќе наликува на антрополошки проект. Следејќи ја старата вистина дека не е важно што раскажуваш туку како, тој зема една прилично обична приказна за 7-годишиот Мејсон од Тексас, и ја следи нејзината еволуција во следните 12 години, до моментот кога истото тоа дете е веќе сериозен млад маж. Низ сите фази Мејсон го игра еден ист актер, Елар Колтрејн - така филмот практично станува приказна и за неговата лична, актерска и физичка трансформација, која се одвива пред вашите очи.

Линклејтер почнал со работа на филмот во 2002 а завршил во 2013, снимајќи по малку секоја година (вкупно 39 дена). Освен трансформацијата на момчето, ја следиме и онаа на неговата сестра Саманта (ја игра ќерката на Линклејтер), како и на нивните татко и мајка, Итан Хок и Патриша Аркет. Додека првите растат и зреат, вторите полека физички опаѓаат, но добиваат и некаква фина духовна патина, обидувајќи се да ги истераат на прав пат и своите, и животите на децата, притоа правејќи големи грешки, но и гестови за почит. Кога почнало снимањето на филмот актерите не можеле да потпишат договор на 12 години (7 е максимум според американските закони), а Линлејтер го замолил Итан Хоук да го досними филмот ако во меѓувреме, не-дај-боже, нему му се случи нешто.

Семејните односи и приказните на секој од ликовите настрана, овој филм плени со структурата и суптилниот начин на кој се компресираат толку години во неколку часа. Режисерот/сценарист никаде не ставил видлив граничник помеѓу детството, адолесценцијата и доцното тинејџерство, кој прецизно би ви сигнализирал каде точно се наоѓате на временската оска на животот на главниот лик. Тоа го дознавате индиректно - преку вестите на телевизорот, одредена песна како позадина на кадарот, преку тоа кое одделение е малиот или дали дошол на возраст да вози кола. Исто како и во животот, за преодите од една во друга фаза стануваме свесни накнадно, понекогаш и многу подоцна отколку што тие реално се случиле, повеќе постепено отколку преку ноќ.

Затоа, ова не е толку филм за некое конкретно момче и неговата приказна, ниту пак е обид преку неа да се раскажат животните стории на сите американски и други момчиња. Она што е заедничко за нив и онака е само универзалната вистина - дека времето тече неповратно, за добро, или за лошо доколку „напред било поарно".

26 октомври 2014 - 18:48