Mладите Швеѓани учат англиски од Воркрафт

Тоа што младите киснат пред мониторите играјќи компјутерски игри не мора да е толку страшно, ако истовремено индиректно учат и нешто корисно. На пример - странски јазик. Така барем се тешиме кога по стоти пат ја потсетуваме нашата млада генерација конечно да го исклучи тоа Иксбоксот и да напише домашно.

Според студија на шведските истражувачи Пиа Сандвикст и Лиз Керстин Силвен, момчињата-четвртоодделенци во Шведска минуваат во просек 11,5 часа правејќи нешта на англиски вон училиштето. Од тоа 3,5 часа играат компјутерски игри како Воркрафт, Кантерстрајк и ФИФА. За споредба, девојчињата минуваат 5,1 дополнителни часови неделно слушајќи англиски, но од нив само 0,4 часа играјќи на компјутер.

Не е за изненадување тоа дека, со оглед на тоа што англискиот е „лингва франка" за интеракција во споменатите игри, тие мора да ги разбираат барем оние термини кои имаат врска со нивната содржина. Освен тоа, голем број игри вклучуваат клучни принципи за ефикасно учење кои помагаат патемно да се научи и странскиот јазик.

Со ова се согласува и Џејмс Пол Џи, ко-автор на „Јазикот и учењето во дигитално доба", каде вели дека игрите се особено корисни заради нивната способност да ги ставаат зборовите во „ситуирано значење" - оние кои се учат во текот на игрите се поврзуваат со контекстот во кој би биле слушнати, правејќи ги лесни за памтење.

Ова единствено не е корисно за оние момци и девојки на кои англискиот им е веќе мајчин или пак за оние кои го имаат горе-долу совладано. Решение - ако има таква опција, поставете ги сетинзите на друг јазик, и сакале-нејќеле децата ќе мора да се снаоѓаат. Ако не играте на компјутер пробајте со промена на јазикот на мобилните. На почеток е голема збунка, ама ако не мамите наскоро ќе знаете барем десетина нови зборови на кој и да е јазик.

9 септември 2014 - 14:46