Не дека нема да ја гледаме

„Младиот Шелдон“ наместо „Биг бенг“

Колку и да ја сакаме серијата, не можеме а да не забележиме дека по 225 епизоди во неа почнува да се случува нешто чудно. Последната, 18-та епизода од десетата сезона е повеќе депресивна психо-драма отколку комедија. Ова, како и најавата за сосема нова серија посветена на детството на еден од ликовите, е можна најава за нејзиниот крај.

„Млади откачени гикови живеат заедно, споени заради нивната неприлагоденост на реалниот свет“ - вака отприлика би можел да гласи описот на „Teoријата на Големата експлозија“ (Big Bang Theory), која е сè уште најпопуларна ТВ комедија во САД и покрај тоа што е длабоко загазена во десетата сезона. Но со оглед на тоа што Џим Парсонс (Шелдон) и Џони Галецки (Ленард) во меѓувреме наполнија по четириесет, ликовите веќе тешко се препознаваат како млади, а за оние кои знаат дека тие заработуваат по милион долари од епизода, тие не се баш и нешто неприлагодени. Продуцентите сепак не сакаат да се откажат од златната кокошка, па пред работите целосно да почнат да се распаѓаат смислуваат нешто ново - „приквел“ серија под наслов „Младиот Шелдон“.

Со Парсонс како наратор и Иан Армитаж во главната улога, таа ќе раскажува каков бил откачениот физичар кога имал девет години, кога живеел во источен Тексас и одел во...средно школо. Ќе биде сместена во осумдесетите, што значи обвиена со топол носталгичен сјај. Идејата е на истите извршни продуценти на „Биг бенг“, што според критичарите од сега сигнализира неуспех, како што се случи со „Џои“ после „Пријатели“. Режисер на првата епизода ќе биде Џон Фавро („Ајронмен“ и „Книга на џунглата“). Останува да се види дали Чак Лор ќе продолжи да ги пишува оние пораки на одјавната шпица од секоја епизода, од кои состави и цела книга, на тој начин измислувајќи нов книжевен жанр (за што пишувавме тука). Можеби нив ќе треба да ги пишува детска верзија и на продуцентот?

14 март 2017 - 19:08