Букбокс интервју

Миљенко Јерговиќ: „Пишувањето го спасува светот“

Толку пати сме пишувале за него, или сме преведувале негови текстови, што е од оние за кои сме сигурни дека „нема потреба од посебно претставување“. Меѓу најпродуктивните, и воедно најдобри писатели од јужнословенскиот писателски табор, од 28-30.5 ќе можеме да го нагостиме во Скопје, и барем малку да му се оддолжиме за сите книжевни гоштевања со кои тој нè удостоил низ годините.

Јерговиќ често го нарекуваат „контроверзен“, иако никогаш не ни стана сосема јасно зошто. Тој може да биде таков само ако има нешто контроверзно во талентот, хуманоста и широчината на мислата со кои дишат неговите дела. Во Скопје доаѓа наскоро, како лауреат на наградата „Прозарт“, за авторски придонес кон развојот на балканската литература, која ја доделува меѓународниот книжевен фестивал Про-за Балкан. Таа ќе му биде врачена на 30 мај во Даут пашиниот амам, на затворањето на фестивалот. На тој начин Јерговиќ им се придружува на досегашните добитници – Бајац, Дрндиќ, Огњеновиќ и Господинов. Истовремено, во Скопје ќе се случи и промоција на македонскиот превод на неговиот роман „Рута Таненбаум“. Доволно поводи за интервју со него, до средбата во живо.

- Пребарувањето на Гугл со клучни зборови „Миљенко Јерговиќ“ како еден од првите резултати исфрла извесна пекара „Јерговиќ“ во Нова Капела во Хрватска. Но сајтот вели дека „субјектот е згаснат“. Дали е тоа можеби добар вовед во приказна за писател кој во некој поранешен живот бил или сакал да биде пекар, наместо да пишува? Што би сакале да работите кога не би пишувале?

Не знаев за пекарот од Нова капела, но сега ми е жал што сајтот е згаснат. Би било убаво да се посети пекарата Јерговиќ и човек да се потсети дека во животот, можеби, сè можело да биде и поинаку. Иако, не знам баш дали би можел да бидам пекар. Мислам не.

Инаку, презимето Јерговиќ е прилично ретко. Сите ние од дамнина потекнуваме од село во Лика, од каде по парче леб уште во 19 век сме почнале да се селиме по светот. Мојот прадедо, кој инаку бил поштар, некако стигнал во Сараево. Па иако презимето е ретко, по некое чудо во Хрватска постојат тројца кои се викаат Миљенко Јерговиќ. Тоа сосема случајно го дознав, на шалтерот на мојата банка, кога банкарката ме праша кое годиште сум, за да ме пронајде меѓу тројцата имењаци. Еден од нас е пензионер, и живи во Јастребарско, гратче близу Загреб. Вториот е десетина години помлад од мене и живее во Славонија. Секако, никогаш ги немам сретнато. А не би ни сакал баш да среќавам луѓе кои се викаат – Миљенко Јерговиќ.

Што би сакал да работам или што би бил да не сум писател? Ќе ве разочарам: никогаш не сум посакал ништо друго. Уште од детство размислувам главно за книгите, читањето и пишувањето. Можеби би бил службен возач на некој политичар. Тоа ми изгледа реално.

- Од 1994 до денес скоро секоја година објавувате по една книга, некогаш и две. Во меѓувреме на вашиот сајт пишувате есеи, колумни, осврти. Дали ви се случува да прочитате нешто што сте го напишале со чувство дека тоа го напишал некој друг? Ако да, тогаш дали е писателот подобар ако е како некој ’проточен бојлер’, хардвер без РАМ меморија, кога не е носталгично приврзан на она што веќе го напишал, или кога доследно се надоврзува на самиот себе? Кои се, и како работат оние на кои им се восхитувате?

Откако ќе минат години, обично десетина, текстот кој сум го напишал ми изгледа туѓ, дури и ако се сеќавам дека сум го пишувал. Но тоа едноставно веќе не сум јас, сите клетки во организмот ми се променети, секое влакно на главата е сосема ново, сè е поинакво, и јас веќе не се сеќавам на чувството заради кое сум пишувал, ниту во себе го имам ритамот на тогашните мои реченици.

Секако, добро е да се заборава. И корисно. Колку и да инсистираме на сеќавањата, и колку и јас да сум она што се моите сеќавања, заборавот е совршена хигиена на душата и на телото. Инаку, сакам во пишувањето да се надоврзувам на самиот себе, да варирам иста тема, по повеќе пати, од различни перспективи и на различни начини да ја пишувам истата приказна. Им се восхитувам на писателите кои пишуваат така за да го уверат читателот дека од она што го пишуваат зависи судбината на светот, потоа писателите кои пишуваат така што ни изгледа дека ништо не измислуваат, и писатели кои пишуваат затоа што мораат...

- Во вашиот расказ „Дијагноза“ во книгата „Сараевски Марлборо“ Салих Ф., за да се спаси од депортација, е сместен во психијатриска болница во Чешка, каде докторите го тераат да пее, да фотографира или црта, но не и да пишува.

Дали пишувајќи за жртвите на разни војни и неправди (тема која се провлекува низ повеќе ваши дела) чувствувате дека ја исправате таа неправда, компензирате за нивната немоќ самите да ги раскажат нивните приказни низ (сепак) елитниот медиум на книжевноста? Дали таквите писатели всушност вршат некој вид хуманитарна работа – саботарите пренесувале пакети за време на опсадата на Сараево, а вие пренесувате приказни низ светот за она што се случило, да не се заборави и да не се повтори?

Пишувањето не е хуманитарна работа. Она што е напишано му користи само на некој кој тоа ќе го прочита. А луѓето обично не читаат кога им е потребна хуманитарна помош. Од друга страна, пишувањето го спасува светот. Постои само она што е напишано. Сето останато исчезнува штом ќе се случи.

- Кога човек размислува за некои нитки кои се провлекуваат низ сите ваши прозни дела, има тука многу болка, страв, меланхолија, тага, но многу малку (понекогаш и воопшто не) смеа, хумор, сатира. Дали е сè толку не-смешно во светот во кој живееме?

Не, туку јас едноставно не сум таков писател. Сатирата не ме интересира премногу, иако сакам некои големи сатиричари, како што ја сакам и смеата во книжевноста, но кога ја предизвикува некој што навистина знае како тоа се прави. Како, на пример, мојот пријател Анте Томиќ.

- До сега на македонски се преведени неколку ваши книги, поетската збирка „Промена на времето“ и прозните „Мама Леоне“, „Татко“ и сега „Рута Таненбаум“. Како ви звучи она што сте го напишале на македонски? Дали имате увид во македонската книжевност? Можеби во музиката, театарот, филмот?

Ми звучи необично. Тоа се мои реченици, а истовремено и не се мои реченици. Нашите јазици се доволно блиски за нивните говорители да можат меѓусебно да се разбират, но се и доволно далечни за во нив некако да се помести фокусот на мислите и чувствата, и во обата јазици да биде содржано целото искуство на едно општество и на еден свет. Различно искуство.

Во македонската книжевност и уметност имам многу нецелосен увид, помеѓу останатото и затоа што нашите културни врски со Германија, Италија, Америка се поинтензивни и почести од нашите врски со Македонија. Тоа е парадоксално, и заради заедничката историја со Македонците, така и заради јазичката и културната блискост. Но ете, малите култури се фасцинираат со големите култури и го занемаруваат она што ни е блиско.

Секако, имам некои одамна омилени македонски писатели, како што се Петре Андреевски, Влада Урошевиќ и Горан Стефановски, како што и меѓу оние кои ми се генерациски блиски наидувам на блиски сродници по сензибилитет и интерес, како двајцата инаку многу различни писатели какви што се Гоце Смилевски и Венко Андоновски. Но погрешно е да се набројува, затоа што во тоа набројување обично изоставувам нешто од она што ми е најважно...

Исто така, многу ја сакав раната Падот на Византија, а потоа и Мизар, како и класичните дела на Леб и сол и Влатко Стефановски. Како дете му се восхитував на тоа како Гарабет Тавитјан свири тапани, особено оној свој фамозен двоен бас-тапан.

Да, Македонија ми била важна. И сега ми е важна, и жалам што ги нема оние и онакви културни интеракции. На пример, се сеќавам на сите оние големи македонски глумци кои знаеа да заиграат во српски, хрватски и босански филмови, и да пружат некоја многу чудна и неочекувана доза на уверливост. На пример, Петре Прличко, грандиозен актер за големи и мали улоги. Или од нешто помладата генерација, Мето Јовановски, или уште помладиот Никола Ристановски, сјаен театарски актер, веројатно еден од двајца-тројцата денес најдобри на сите јужнословенски простори, кого пред шест години го гледав во „Господа Глембаеви“ во белградското Атеље 212.

- Ако заради јазичката бариера можеби не ја следите македонската книжевност, тогаш сигурно до вас стигнуваат вестите од тукашната политика. Кога би ви го поставиле она прашање кое вие често самиот на себе си го поставувате соочен со хрватската, регионалната и светската политика – „Што сега?“ – каква судбина би ни прорекле, не само за Македонците или Балканците, туку за човечкиот род воопшто?

Да не претеруваме со јазичките бариери. Можам сосема добро да читам македонски, па тоа и го правам. А ја следам, за жал, и македонската политика. Велам за жал, затоа што во неа не наоѓам ништо добро ни охрабрувачки, како ни во другите јужнословенски политики. Секако, и во Македонија сум, како и каде било на друго место, на страната на антинационалистите и на оние кои се за мир, за договарање и за заеднички живот по секоја цена. Алтернативната на заедничкиот живот е заедничко и меѓусебно истребување.

Илина Ј.

Претходни Букбокс интервјуа:
Роберт Перишиќ: „Буковски во Македонија би останал поштар“
Ренато Баретиќ: „Ветувам – на 80 ќе одам во јавна куќа“

24 мај 2017 - 09:19