Букбокс гледаше

„Масакр" на Роман Полански (2011)

Базиран врз истоимената драма на Јасмина Реза, во филмов - споjлер алерт - нема ни 'м' од некаков физички, крвав масакр.

Два пара, родители на соученици од второ одделение, се среќаваат за да разговараат за немилиот настан во кој на игралиште синот на едните го удрило со стап и му оштетило два заба на другото дете.

Средбата, која се одвива во станот на „оштетените", почнува цивилизирано, на прв поглед со жалење заради настанот на едната, и со толеранција на другата страна, за во текот на филмот инхибициите полека да почнат да се топат (под влијание на вискито), и вистинските разлики во светогледот, менталитетот и реакциите на присутните да почнат да излегуваат на површина, особено несогласувањата помеѓу самите брачни парови.

Актерите се одлично одбрани за улогите (Џоди Фостер, Кејт Винслет, Џон К. Рајли, Кристоф Волц), отсликувајќи ги стереотипите за високата средна американска класа: еден не може да престане да зборува на мобилен, друг повраќа од стрес, трет хистерично се дере што му е повратено баш врз каталог од некаква изложба, четврт нема грижа на совест што го исфрлил на улица хрчакот на ќерка му затоа што бил „нехигиенски"...На крај „примитивниот" удар со стап излегува поетички и пооправдан како дел од детскиот процес на растење, отколку целиот политички коректен театар околу овој наводно „насилен" чин.

Филмот е фин, иако сигурно е многу посилен како театарски текст. Ме потсети на „Кој се плаши од Вирџинија Вулф" на Едвард Олби, која неодамна ја гледав во МНТ, која исто така се одвива во една просторија со два пара. Друго е кога клаустрофобијата ја чувствуваш и буквално, бидејќи си дел од тој стеснет а тензичен простор. Вака „масакрот" излегува сепак некако сатиричен и нежен.

25 јуни 2012 - 14:36