Не е добро ако е многу смешно

Малком Гладвел за парадоксот на сатирата

Дали исмевањето на политичарите навистина може да смени нечие мислење? Или сето тоа се само цепки, после кои олеснети од тензијата, полесно ги голтаме сериозните последици од она на што сме биле предупредени?

На почетокот на јуни 2016 Малком Гладвел почна со подкаст (аудио емисија од околу половина час) под наслов „Ревизионистичка историја“ (Revisionist History), со десет епизоди, чија прва сезона заврши пред некој ден.

Иако насловот звучи помпезно, тој во нив всушност истражува настани и ликови од минатото за кои мисли дека биле погрешно разбрани или не го добиле заслуженото внимание. На пример, првата епизода беше за аутсајдерите кои влегуваат во еден затворен свет, во случајот оној на уметноста, врз примерот на Елизабет Томпсон, која во ера на сликарство доминирано од мажи станал една од најбогатите британски сликарки, и го поврзува со слични феномени во политиката, и тоа не само по родова основа. Во друга епизода зборуваше за патот на генијалците, кои на почетоците на нивната креативна работа можат да направат и големи утки (врз примерот на раната кариера на Елвис Костело).

Со ваквите навидум „ситноразмерни“ историски фигури и настани Гладвел се бавеше и во „Точка на пресврт: како малите нешта можат да направат голема разлика“ (за која пишувавме тука) - социјални настани кои иако не се дел од историските читанки прават огромна разлика во креирањето ставови, диктирањето модни трендови и политики. Едноставно, кога мала група луѓе, намерно или сосема ирационално, почнува да се однесува различно од другите, тоа нејзино однесување може да ја зафати околината како епидемија, и да доведе до „точка на пресврт“ (tipping point), после која ништо (или барем едно значајно нешто) не е како порано.

Последната епизода во циклусот емисии всушност се однесува на нешто спротивно на спомнатото. Во средината на 1990-тите во Британија брилијантен млад комичар по име Хери Енфилд почнува да ја критикува премиерката Маргарет Тачер, преку сатирична емисија наречена според главниот лик Лоудс оф Мани (градежен работник кој преку ноќ се збогатува заради бумот на градежништвото, генерално сељак). Ги вложува сите ментални и креативни напори за преку нејзино исмевање, јавноста да ги сфати кардиналните грешки на Железната леди, особено во однос на осиромашувањето на веќе сиромашните во британското општество. Се обидува низ хумор да ја постигне таа точка на пресврт, во која оние кои се смеат на неговиот лик ќе излеат на улица и нешто навистина ќе сменат.

Тикви.

Неговите пародии стануваат славни, за неговата сатира зборува дури и Парламентот, емисиите имаат по 3,3 милиони гледања на Јутјуб, но се случува нешто многу чудно - шоуто го сакаат и оние кои се за, и оние кои се против Тачер. Секој од гледачите, во зависност од својата политичка ориентираност и претходна убеденост, си ги толкува скечевите на свој начин. Ако Лоудс оф Мани среде штрајк на медицински сестри излегува пред нив и им се дере дека тие треба да се вратат на работа затоа што луѓе им умираат по болниците, ова тачеристите го сфаќаат многу буквално, и го толкуваат како јасна политичка порака до реалните медицински сестри кои штрајкувале во тоа време. Оние пак другите викаат „Леле, колку иронично им го плесна“, и го сфаќаат како сатира. Битно и едните и другите му се смеат на „сељакот“ (затоа што тој е реално смешен). И се среќни.

Како американски пандан на ова шоу, Гладвел го анализира Стивен Колбер, од неговиот легендарен настап пред Џорџ Буш во 2006 до неговите скечеви во Колбер Рипорт (2008-2014). Во првиот случај, тој на традиционалната вечера во Белата куќа со новинарите, кога претседателот е само на неколку метри од него, во лице му вели: „Јас сум многу среќен што имаме претседател што (слободен превод) стои на зборот. И не стои само на зборови, туку и на ракетни носачи и на купишта урнатини“.

Ваквиот храбар сатиричен дискурс на раниот Колбер и кај него и кај некои од неговите колеги подоцна е заменет со игрив и разводнет хумор кој потсетува на сатира, но кој всушност само сака да забавува и да биде смешен. Наведениот пример е од 2008 кога Тина Феј кај Летерман ја прави познатата имитација на Сара Палин, претставувајќи ја како необразована, глупа и лигава, и зборувајќи на локален акцент. Но дали ова би требало да е вистинската цел на сатирата упатена кон Палин, или нејзините реални политички ставови? Врвот е постигнат кога подоцна во истата емисија е поканета и самата Палин. Таа, заедно со Тина Феј, облечени сосема исто, изведуваат бесни глисти на сцена, додека публиката во студиото и пред малите екрани паѓа од смеа.

Како што тоа го забележала Хедер ЛаМар, истражувачка од Универзитетот Охајо Стејт во „Иронијата на сатирата: политичката идеологија и мотивацијата да се види она што сака да се види во Колбер рипорт“, „конзервативците изјавуваат дека Колбер само се преправа дека се шали и реално го мисли она што го вели, додека либералите велат дека тој ја користи сатирата и не е сериозен кога изразува политички ставови“. А ако важи за Колбер, важи и за сите други слични сатирични емисии.

Да, вели Гладвел, сатирата треба да е слатката обвивка на горчливото апче кое на тој начин полесно се голта. Но не и да биде бонбона! Како автентичен израз на сатира која не оди на сигурно и на смешка, туку на хумор кој тера на размислување, тој го наведува „Прекрасна земја“, шоу на израелската телевизија. Во една нивна вирална емисија тие, на пример, ги прикажаа израелско-палестинските мировни преговори како сцена од Енгри брдс. Да, ситуацијата во Израел е многу посложена, па оттаму и сатирата е многу поконкретна и поостра. Дали тоа значи дека во земји со навидум помали проблеми сатиричарите можат да си накриват капа и да кажуваат вицови за Трпе и Трпана?

Ваквиот хумор Гладвел го нарекува „без заби“ и отворено го презира. Вели дека тој е главно карактеристичен за „западот“ (што и да значи тоа). Но следниот пат кога ќе ги видите нашите политичари како милно се смешкаат на хуморот на Буба мара, без од тоа да прават проблем, сетете се на Колбер кој стои пред претседателот на една од најмоќните држави во светот и вели: „Земја во која по огромна несреќа претседателот гордо стои на поплавени градски плоштади, праќа силна порака, дека што и да ѝ се случи на Америка таа ќе се извлече со одлично организирани фото-сесии“. Истовремено, Буш изгледа како да ќе потоне во столчето. Не, не му е смешно. А и присутните некако заќутеа.

Целата емисија на Гладвел тука

3 септември 2016 - 10:49