Пусто женско...

Маките на Софија Толстој со нејзиниот славен маж

Му родила 13 деца, му готвела, го крпела и трпела, за тој да ѝ врати со расказ во кој проповеда сексуална апстиненција и симболички ја убива. Откако книгата била забранета, уште и отишла да го брани пред самиот цар. Море фрли го под воз, да види што е целибат.

Во својот долг и често бурен брак со Лав Толстој, Софија Андреевна Толстој претрпела сè и сешто, но „Кројцеровата соната" се смета за нејзина најголема казна. Новелата објавена во 1889 ги изнесува на виделина Толстоевите радикални ставови околу сексуалноста и бракот, а главниот лик во настап на љубомора и гадење си ја убива сопругата.

Именуван според истоименото музичко дело за виолина и пијано на Бетовен, расказот бил веднаш цензуриран од тогашната руска власт. Главниот лик Позднишев, ги објаснува настаните кои довеле до убиството на неговата жена, барајќи ја причината во животинските односи кои владеат помеѓу половите, а кои единствено можат да се зауздаат со здрава сексуална апститенција.

Во својот дневник Софија тогаш напишала:

„Не знам како и зошто сите ја поврзаа Кројцеровата соната со нашиот брачен живот, но ете, тоа се случи. Но не е само до другите, и јас длабоко во себе знам дека расказот е насочен против мене, дека неговата цел е пред очите на светот да ме понижи и да ги уништи последните траги на љубовта меѓу нас".

Очигледно погодена, таа самата напишала две новели за да ги изложи сопствените ставови - „Чија е вината?" и „Песна без зборови", кои иако стоеле во архивите на музејот на Толстој, дури неодамна се повторно откриени и печатени во Русија. Мајкл Р. Кац, пензиониран професор по руски и источноевропски студии на колеџот Мидлбери ги превел обата расказа на англиски и ги објавил во збирката „Варијации на Кројцеровата соната" (Yale University Press), како придонес кон осветлувањето на ликот на сопругата на Толстој, но и на оној на самиот писател.

Неговото мислење е дека нејзините раскази можеби не се првокласна литература, но дека нив ги напишала образована, културна жена со силен карактер, која не само што имала различни гледишта од нејзиниот маж, туку се осудила нив и да ги изрази.

„Чија е вината?" е приказна за 18-годишната Ана, образована и од добро семејство, која го замислува бракот како сојуз на два ума, на две сродни души кои ја делат љубовта кон филозофијата и уметноста, посветувајќи им се на децата. Дека овој расказ е некој вид реплика на „Кројцеровата соната" покажува фактот дека на маргините на текстот таа препишувала делови од книгата на мажот ѝ, како потсетник на местата кои сака да ги оспори. Ако Толстој зборува за љубомора и гнев, таа зборува за женската глад за емотивна блискост, за грижите и обврските кои ги наметнува мајчинството. Софија, на овој наводен поборник на целибатот, му родила 13 деца, од кои 8 го преживеале детството.

Зголемениот интерес за сопругата на Толстој помага да се ревидира ставот на обожавателите на големиот писател кон неа - тие до скоро ја сметаа за пакосна жена, која по секоја цена сакала да има контрола над неговата книжевна оставштина. Истовремено, книжевната критика станува поблагонаклона кон нејзините дневници и мемоари, запишани на 20,000 отчукани страници кои покриваат распон од 55 години од нејзиниот живот.

Она што е чудно и може да се подведе под стандардното „пуста жена.." е што токму Софија прискокнала на помош кога „Кројцеровата соната" паднала во немилост на тогашните владини цензори. Таа лично отишла во Санкт Петерсбург да ја изнесе одбраната на спорната новела пред царот Александар Трети и да добие дозвола за нејзино објавување во ново издание. Служејќи се со женско лукавство и шарм, таа го убедила царот дека книгата заговара сексуално воздржување, што секако е добра работа. Плус го потсетила дека тоа е истиот автор што ја напишал „Ана Каренина", една од омилените книги на Неговото височество. По малку размислување тој ја повлекол забраната.

27 август 2014 - 14:08