Образовните потенцијали на една видео игра

Мајнкрафт за секое дете!

Мајкрософт платил 2,5 милијардни долари за да ја купи играта Манјкрафт. Зошто ова би било тема за Букбокс? Сега ќе ви објасниме.

Вчера, 15.09, Мајкрософт објави дека ја купува шведската компанија Можанг (Mojang), поточно франшизата за играта Мајнкрафт, кој е практично единствениот успешен производ на оваа фирма. Притоа под „успех" подразбираме 54 милиони копии продадени за неполни пет години, во кои Мајнкрафт стана една од најпопуларните видео игри во историјата, особено по нејзиното издавање за Xbox 360 на Мајкрософт.

Таа е од оние sandbox концепти, каде играчите самите си создаваат предмети и структури од ресурси кои им стојат на располагање. Базичното ниво од вас бара само да опстанете барајќи храна и бранејќи се од предатори. Но во креативното ниво има бескрајно многу опции и нема непријатели - идеална околина за креација. Не постои никаква однапред дадена приказна, сè останува на способноста на играчот да комбинира и да фантазира.

И тука доаѓа моментот на врска со теми со кои се занимава Букбокс - она што можете да го создавате, и со што фановите на Мајнкрафт се занимаваат со години, често се светови идентични со оние во книжевните дела, со постоечки или замислени архитектонски зданија, уметнички дела, па дури и огромно пијано на кое реално може да се свири. 

Концептот е смешно едноставен, и навистина е необично што додека другите игри се обидуваат да ја искомплицираат приказната и да ја зајакнат графиката, Мајнкрафт си тера со 16-те бита, и како некакво first-person Лего ги заразува и помладите и повозрасните. Без проблемот на тоа да нагазите на заборавена коцка на тепихот.

Но играта, како што се објаснува во ова видео, може да биде и неверојатно ефикасна образовна алатка.

Постои посебна училишна верзија, Мајнкрафт Еду, која веќе ја користат наставници во над 40 земји во светот за да предаваат сè, од математика, преку историја до уметност. За разлика од други игри кои колку пати и да ги играш се исти, и имаат крај, оваа е лесно менлива, иновативна и кооперативна. На страницата на Мајнкрафт еду на наставниците им стојат на располагање веќе направени светови, но и совети како да ги прилагодат на нивната наставна програма.

Пример: процесот на градење на Шекспировиот „Глоуб" со комбинација на знаења од англиска книжевност и некогашното ОТО (општо-техничко образование)

И не би знаеле ништо за сето ова да не се игра Мајнкрафт по цел ден кај нас дома. Но сега кога ги сфаќаме сите нејзини потенцијали, апелираме - заедно со „компјутер за секое дете", нека има и Мајнкрафт за секое од нив. Така барем лекцијата за дедо Ное во поглавјето „Патот до вистината" од учебникот по македонски за трето ќе може да биде фино илустрирана со градење реален брод.

16 септември 2014 - 09:29