Бројните таленти на Спок

Леонард Нимој: фотограф, поет и музичар

Актерска клетва е да бидеш запамтен само по еден лик, а притоа никој да не ги цени другите дарби кои ги имаш. А Нимој, кој почина вчера, 27.02, на 83 години, навистина бил активен и вон актерството - режирал, фотографирал, пеел, и пишувал поезија.

„Сè е до ушите!" - му се раздрал Нимој на новинар на Њујорк Тајмс во 1968, кога овој го прашувал за ликот на Спок. Ваквиот ироничен однос кон неговата најславна креација е разбирлива ако се има предвид дека тој целиот живот се обидувал да биде и нешто друго освен лик од популарна серија.

Ова е очигледно и во насловот на неговата автобиографија од 1975, „Јас не сум Спок", која била толкувана како непријателски настроена кон ликот, па во 1995 следело продолжение со попомирлив наслов - „Јас СУМ Спок". Но еве со што друго се занимавал Нимој кога не го глумел „човекот со ушите".

Режија

Негова прва режија била онаа на „Ѕвездени стази 3: потрагата по Спок" од 1984, по што следеле уште пет филмови, меѓу кои и успешната комедија „Три мажи и бебе".

Музика

Г-дин Нимој снимил неколку албуми, започнувајќи со „Музиката на г-дин Спок од вселената" во 1968. Неговиот специфичен баритон легнува на различни обработки на познати хитови, меѓу кои на I walk the line на Кеш или Proud Mary, кои навистина одлично ги пее.

Фотографија

Нимој долго време во текот на животот се занимавал со фотографија. Објавил неколку книги на оваа тема и организирал изложби, на пример онаа во Музејот на современа уметност во Масачусетс. Неговата специјалност биле портретите, особено на ликови кои вообичаено не се наоѓаат на галериските ѕидови. Една од изложбите, Secret Selves, била посветена на „тајните јаства" на луѓето, а друга е со наслов Full Body Project, и се состои од фотографии на „пополнети", јадри жени, како негов протест против идеалот на преслаби девојки кој го пласира модната индустрија. На жените е посветен и циклусот Shekhina - „фотографски есеј за женското присуство на Бог“.

 

 

 

(Од серијата „Тајни јаства“ - војник на американската морнарица кој ја носи оваа наметка на Супермен, заедно со едно зелено мече, насекаде)

Повеќе фотографии тука

Поезија

Има објавено неколку збирки поезија, меѓу кои „Живот посветен на љубовта: песни за минувањето на животот". Еве го тука во емисија од 1970, како рецитира свои стихови со музичка придружба

И еве препев на една од песните:

ТВОИТЕ СЛИКИ

Опкружен си од твои слики.
Еве си, млад и згоден
Тука си со една жена или две
Еве си, толку среќен
опкружен од слики од тебе.

Твоите ѕидови се покриени
нема веќе место
Штета, имаш толку симпатично лице
И толку си обожуван
Не ти е некогаш досадно
да си ги гледаш твоите слики?

Во тебе удира светлина од рефлектор
твоите фанови врескаат зборови на љубов
секогаш си толку зафатен,
нели добиваш вртоглавица
гледајќи во сликите од тебе?

28 февруари 2015 - 09:29