Уште една вистинска приказна во трка за Оскар

„Лав“ или детето од Индија кое се врати дома по повеќе од 20 години

На 5 години, на железничка станица некаде во Индија, Сару се одвојува од брат му и се губи. Судбината го носи во ново семејство, во Австралија. Но многу години подоцна мислата на домот не му дава мир. Со помош на Google Earth успева да се врати.

Тоа дека животот често ја надминува фикцијата е стара, но сè уште важечка изрека. Оваа година има три филмови во трката за Оскар кои се базирани на неверојатни, вистински приказни - „Хоксоу Риџ“ (за кого пишувавме тука) и „Скриени цифри“ (тука). Ова е третиот, за загубеното дете Сару Брирли, едно од 80,000-те кои доживуваат ваква судбина во Индија годишно.

Сару (во филмот го игра Дејв Пател од „Милионерот од предградието“) и постариот брат Гуду собираат старо железо и крадат јаглен од вагони во движење за да однесат две канчиња млеко дома, кај мајката и помалата сестра. Една ноќ, на железничка станица недалеку од дома, Сару заспива на клупа додека брат му се обидува да најде работа. Не знаејќи што со себе кога се буди сосема сам, тој седнува во празен воз, кој го носи 1600 километри од родниот град Кандва, во далечната Калкута.

Откако поминува неколку недели на улица во големиот град, тој завршува во сиропиталиште и е посвоен од семејство во Хобарт, Тасманија (родителите во филмот ги играат Никол Кидман и Дејвид Венам од „Прашина“). Тие можат да имаат деца, но сепак посвојуваат две од Индија (него и „брат“ му Мантош).

По дваесетина години Сару е веќе возрасен, адаптиран Австралиец, кој сепак никогаш не се помирил со мислата дека неговото семејство се уште очекува да им се врати. Единствено име на место од детството на кое се сеќава е „Гинестлеј“, но и покрај сите напори да го пронајде, такво име помеѓу 640,000-те села во Индија едноставно нема. Втор спомен му е висока водна пумпа на железничката станица на која се загуби, но колку станици во Индија имаат вакви пумпи?

По многу непроспиени ноќи, шест години ц’цкајќи по Google Earth, облепувајќи ја собата со зумирани мапи и фотографии во обид да препознае што и да е, конечно пронаоѓа место кое се вика Ганеш Талај, доволно блиску до детски изговореното име на неговото живеалиште. Се враќа во Индија, и недалеку од неговиот некогашен дом ги пронаоѓа мајка му и сестра му, и дознава зошто неговиот брат никогаш не се вратил.

Целата перипетија е опишана во книгата на Сару од 2013, „Долго враќање дома“, врз основа на која е снимен филмот. Пред одјавната шпица има и документарни снимки направени од австралиското издание на „60 минути“, кога тим на ова шоу го следи второто патување во Индија на Сару, овој пат заедно со неговата помајка, која тогаш прв пат се среќава со онаа биолошката.

Вистинскиот Сару, откако бил снимен филмот, организирал посебна проекција во Индија за семејството и пријателите, за на тој начин да им го раскаже сето она низ што поминал. Дури по враќањето дома сфатил дека тој не само што цело време лошо го изговарал името на неговото родно место, туку и сопственото име, Шеру, што на хинди значи - „лав“.

21 февруари 2017 - 08:51