Интервју

Кумбербач: меѓу сексапилот на Шерлок и неприлагоденоста на Туринг

Актерот кој е номиниран за Оскар за улогата во „Игра на имитирање“ за тоа како ја доживеал судбината на генијалниот и трагичен лик на Алан Туринг. Плус што мисли за сопствениот сексапил, во споредба со оној на Шерлок.

Минатата година како да постоеше некаков тренд за биографски филмови посветени на ексцентрични, трагични или во најмала рака необични судбини на екстремно интелигентни мажи. Филмовите за Хокинг (за кого пишувавме тука), Боби Фишер и Алан Туринг ја прикажаа нивната човечка приказна, паралелно со нивниот придонес по којшто се најпознати, во космологијата, математиката и шахот.

Од сите тројца Туринг, генијалниот ум зад декодирањето на „Енигма" - кодот користен од Германците во текот на Втората светска војна за енкриптирање на нивните пораки - веројатно бил најтежок за доловување. Причина: од него нема ниту видео, ниту адио снимки, а она што го знаеме за него главно се потпира на пишани анегдоти и спомените на неговото семејство.

Еве што научил Кумбербач од снимањето на филмот, кој му донесе номинација за Оскар. Бонус: сексапилот на Шерлок.

За сочувството со социјалната неприлагоденост на Туринг

И јас сум се појавил на забави во погрешна облека. Сум направил голем број работи кои се сметаат за некоректни. Дали некогаш сте го искусиле тоа како е да се чувствуваш како делумен аутсајдер, онаа параноја на тинејџер кој мисли дека не се вклопува во ништо, додека другите изгледаат како одлично да се снаоѓаат? Она што се врежало во Туринг рано во животот била таа неверојатна чувствителност за светот и начинот на којшто луѓето го третирале, како и фактот што се родил со говорна маана.

За судењето на Туринг заради хомосексуалноста

Изборот за мажите кои биле апсени и судени заради тоа што се геј бил помеѓу две години затвор или две години хемиска катрација преку неделни естрогенски инекции. Ова е пред помалку од 100 години, во земја којашто кратко време претходно била ослободена од заканата на фашизмот, и тоа со помош на тој ист човек когошто го казниле заради неговата сексуалност.

Тоа е варварски, страшно и тажно е што не е историска лекција - тоа е нешто што треба да го земеме предвид и во денешната клима на нетолеранција. Тој во тоа време ги одбрал естрогенските инекции за да може да продолжи со работа. Тие почнале да му го разјадуваат телото. Така, не само што го загубил атлетското тело туку и умот, кој веќе не можел да се фокусира на единственото што го сакал, неговата работа.

За привлечноста на Шерлок

Ако сум хиперобјективен во врска со тоа, ја разбирам таа привлечност, затоа што тој е студен и зол, но истовремено и брилијантен, шармантен, способен и забавен, иако со свои маани. Тој е возбудлив човек со кого сакаш да се дружиш.

За сопствениот сексапил

Тоа е само проекција на ликовите кои ги глумам. Имате право да прашате дали Шерлок е секси, затоа што јас сигурно не сум. Пред 10-15 години, кога исто така глумев, не бев ни на милионитото место на каков и да е список на привлечни мажи. Тоа ласка и ме прави да се кикотам, затоа што е некако...глупо.

22 јануари 2015 - 09:03