Конфискувано оружје во раце на уметниците

Соочен со зголемувањето на стапката на убиства во 1990-тите, американскиот уметник Брајан Борело добил идеја. Откако посведочил убиство на дете од заталкан куршум во улична престрелка, побарал од локалната полиција да му отстапи дел од конфискуваното оружје, за предметите кои се користат за уништување да ги трансформира во уметнички дела.

Со тек на времето тој во процесот вклучил и свои колеги, што во 1996 кулминирало со изложба под наслов „Оружје во рацете на уметниците". Сега таа е обновена и патува низ цела Америка, а целта е низ неа да се отвори нов, искрен дијалог за вооруженото насилство, на страна од поларизираната политика што често го оптеретува и го води во погрешна насока.

Но освен уметниците, придонес кон изложбата има и досегашната публика. Некој (оправдано) скептичен полицаец им посочил на организаторите дека изложба во нешто што го нарекол „бела" галерија нема да допре до младите во најнасилните градски населби, како на пример оние во Њу Орлеанс означени на ова дело, насловено „Зошто!".

Како реакција на оваа забелешка е додадена нова компонента на изложбата: панел дискусии со млади луѓе кои имаат директно искуство со вооружено насилство. Иако овие дискусии се често тешки и напнати, има моменти заради кои Борело вели дека сиот ентузијазам и труд се исплателе. Еве еден таков во видеото, од 8:12. Хајлајц: „Кој будала става пеперутки на пиштол?“

Повеќе за изложбата тука

29 јуни 2015 - 21:52