Добро, не мора баш да брзате

Кому би му го подариле последниот здив?

Денес да ти било Фејсбук „ден на пријателството". Макар и по тој глуп повод, еве уште една приказна на оваа тема, во продолжение на онаа денешната за Херцог и неговата менторка.

Томас Едисон и шеснаесет години помладиот Хенри Форд биле блиски пријатели, па дури и купиле куќи еден до друг на Флорида. Кога Едисон во последните години од животот бил врзан за инвалидска количка, и Форд, кој би сосема здрав си купил една, чисто за заедно да си се тркаат низ двор.

Во 1929, на прославата на 50-годишнината од пронаоѓањето на сијалицата, на настан на којшто присуствувале видни личности од политиката, науката и бизнисот, како Марија Кири, Џон Рокфелер и тогашниот претседател на САД Хувер (Ајштајн се приклучил преку радио врска), Едисон речиси се расплакал кога зборувал за неговиот пријател:

„А што се однесува до Хенри Форд, зборовите не се доволни да го изразат моето чувство. Можам само да кажам дека во најцелосното и најбогатото значење на овој израз - тој ми е пријател".

Генерално, тие биле далеку од сентиментални кон други суштества - Форд важел за антисемитист, а Едисон заради експерименти со струја убивал животни. Па сепак едни кон други покажувале голема приврзаност, чија симболичка кулминација е подарокот што Едисон му го оставил постхумно на другар му - неговиот последен здив, сочуван во епрувета.

Абе овие стварно се сакале!

4 февруари 2016 - 13:02