Оливер Сакс

Koj ги контролира нашите нагони?

Оливер Сакс, докторот-писател кој почина на 30 август, со години пишуваше за The New York Review of Books. Ова беше неговиот последен текст во ова списание, за невролошките состојби зад незаситните нагони, и за правните и етичките прашања кои ги покренуваат тие.

Волтер Б., пријатен маж на четириесет и девет години, ме посети во 2006. Како тинејџер, по повреда на главата, почнал да добива епилептични напади - најпрвин тие имале форма на епизоди на „веќе видено“, кои се појавувале и по десетина пати дневно. Понекогаш слушал музика која никој не можел да ја чуе. Немал поим што му се случува, се плашел од исмевање или од полошо, и си ги чувал ваквите чудни искуства за себе.

Конечно консултирал доктор, кој дијагностицирал епилепсија на темпоралната регија и почнал да го третира со низа антиепилептички дроги. Но неговите напади станале почести. По една деценија обиди со антиепилептички лекарства, Волтер консултирал друг невролог, кој сугерирал порадикален пристап - операција за отстранување на фокусот на нападите во неговата десна темпорална регија. Ова малку помогнало, но неколку години подоцна била потребна втора, посложена операција. Таа, заедно со лекарствата, поефикасно ги контролирала нападите, но предизвикала други проблеми.

Волтер, кој претходно јадел умерено, развил огромен апетит. „Почна да добива на тежина", ми кажа неговата жена, „смени три броја пантолани за шест месеци. Апетитот му беше вон контрола. Стануваше среде ноќ и јадеше цела ќеса бисквити или големо парче сирење со кутија крекери".

„Јадев сè што ќе видам", рече Волтер. „Да ставеше некој кола на маса, ќе ја изедев". Станал и многу нервозен: „Беснеев за неважни работи дома (кај се чорапите, нема ржан леб..). Враќајќи се дома еден возач ме притисна до тротоарот, му покажав среден прст, почнав да му се дерам и фрлив метален термос за кафе по него удирајќи му ја колата. Се јави на полиција од мобилен. Ме запреа и ми напишаа казна".

Вниманието почнало да му се нарушува: „Лесно се дефокусирав, ништо не можев ниту да почнам, ниту да завршам". Но откако еднаш ќе влезел во некоја активност, од неа тешко излегувал - можел, на пример, да свири пијано осум или девет часа непрекинато.

Уште поизмачувачки бил неверојатниот сексуален апетит. „Сакаше постојано да имаме секс", ми рече жена му: „Од нежен партнер почна да станува некој кој само прави механички движења. По операцијата сакаше само секс...најмалку пет или шест пати дневно. Се откажа од предигра, веднаш сакаше да почне со „главното".

Само неколку секунди по оргазмот тој сакал уште. Кога жена му папсала, тој се свртел кон други начини. Секогаш бил посветен сопруг, но сега неговите желби, неговите нагони, ја надминале моногамната хетеросексуална врска во која уживал со жена му.

Откако влегол во порнографијата за возрасни, разни сајтови почнале да му нудат детска порнографија, и тој се фатил за јадицата. Исто така станал љубопитен за други форми на сексуална стимулација - мажи, животни, фетиши. Вознемирен и засрамен од овие нови пориви, толку туѓи на неговата претходна сексуална природа, Волтер почнал да се бори со самиот себе. Продолжил да оди на работа, да се дружи, да се гледа со приајтели за вечери или да оди на кино. Во такви ситуации се контролирал, но кога бил сам им се предавал на нагоните. Длабоко засрамен никому не му кажал за ова, живеејќи двоен живот повеќе од девет години.

Но се случило она што морало да се случи - федералните агенти му дошле дома и го уапсиле за поседување детска порнографија. Ова било ужасно, но исто така било и олеснување, затоа што веќе не морал да се крие. Неговата тајна сега ја знаеле и жена му и децата, а и неговите доктори, кои веднаш го ставиле на комбинација на лекарства кои речиси му го избришале сексуалниот нагон, од незаситно либидо до такво кое речиси не постои. Жена му ми кажа дека неговото однесување веднаш се вратило на старо, како да е се свртил некој дефектен прекинувач - таков на којшто немало средна позиција меѓу вклучено и исклучено.

Го имав сретнато Волтер на неколку пати во времето помеѓу неговото апсење и судењето, и тој изрази страв, главно од реакциите на неговите пријатели, колегите и соседите. Но не мислеше дека судот ќе го смета неговото однесување како криминално, со оглед на неговата невролошка состојба.

Но не беше во право. Петнаесет месеци по апсењето, неговиот случај конечно стигна до судот. Обвинителот инсистираше дека неговата таканаречена невролошка состојба не е релевантна. Волтер, според него, бил долгогодишен перверт, јавно зло, и затоа треба да се затвори на минимум дваесет години.

Неврологот кој претходно сугерирал операција и го третирал Волтер речиси 20 години се појави на суд како ескперт-сведок, и поднесе писмо кое се прочита, а во кое се објаснуваат ефектите од зафатот. Тој објасни дека состојбата на Волтер е ретка, но добро проучена. Се нарекува Клувер-Буси синдром (Klüver-Bucy), и има чисто физиолошка основа (прв пат бил забележан во 1880, на лоботомизирани мајмуни). Исто така појасни дека Волтер веќе не е под дејство на неговите сексуални нагони, и дека за сето ова време не допрел никого освен својата жена.

Во моето писмо до судот јас напишав:

Г-дин Б. е човек со супериорна интелигенција и вистинска морална деликатност и сензибилитет, кој во еден момент почнал да се однесува нетипично за неговата личност, под влијание на неодолив физиолошки нагон...Тој е строго моногамен...Во неговата историја нема ништо што сугерира дека е педофил. Тој не претставува ризик ниту за деца, ниту за кого и да е.

На крајот на судењето судијката се согласи дека Волтер не може да одговара заради тоа што го има овој синдром. Но тој сепак беше виновен, рече таа, затоа што не проговорил порано за проблемот со неговите доктори, кои можеле да му помогнат, и затоа што со години се однесувал така што ја поддржувал криминалната индустрија: „Вашето дело не е без жртви", нагласи таа.

Го осуди на 26 месеци затвор, потоа 24 месеци домашен притвор, и понатамошен петгодишен период на надзор. Волтер го прифати ова со неверојатен степен на сталоженост. Успеа да го преживее затворот со релативно мали трауми и добро го искористи времето таму, основајќи музички бенд со неколку затвореници, читајќи и пишувајќи долги писма.

Неговите напади и неговиот синдром беа добро контролирани од лекарствата, а жена му беше постојано со него во текот на сите години додека тој беше во затвор и во домашен притвор. Сега е слободен човек, и главно му се има вратено на претходниот живот. Се уште одат во црквата каде се земале пред многу години, и тој се уште е активен во неговата заедница.

Кога го видов неодамна, тој очигледно уживаше во животот, и му беше мило што веќе нема тајни. Зрачеше со спокојство кое го немав видено кај него претходно.

„На добро место сум" - рече.

4 септември 2015 - 09:20