Човекот кој ги сакаше книгите

Кој е Димитрис Христулас?

Вест за самоубиство на стар човек, и тоа направено од финансиски очај, ако се развие вон рамките на ваквиот тажен факт, има тенденција да прерасне во патетична приказна за жртвата наспроти системот и за светската неправда. Од друга страна...

Од друга страна, „сувото" известување од типот „76-годишен Грк се застрела пред Атинскиот парламент затоа што немал пари да ги плати сметките", како што главно информираа нашите медиуми, ѝ чини неправда на личноста, и на нејзината приказна, која е сведена само на овој драматичен чин. Ќе се обидеме да ја исправиме, меѓу другото затоа што Димитрис, исто како и ние, изгледа ги сакал книгите.

Димитрис Христулас, по затворањето на неговата аптека во која самиот работел, живеел скромно во една од атинските населби за средната класа. Последните месеци на неговиот балкон било закачено платно, со натпис „Не плаќам!" - знак на протест против грчката економска криза и политичарите кои довеле до неа. Бил разведен и живеел сам. И тој, како и многумина негови сограѓани, бил активен учесник во уличните протести, но во разговор со еден од неговите соседи ја навестил намерата да си го одземе животот, како знак на загубена надеж: „Одам на овие маршеви и собири, но можеби треба да одам до Парламентот за да си ја разнесам главата", рекол тој во еден од последните разговори. Во прошталното писмо, напишано на рака, тој вели дека неговата возраст не му дозволила да преземе некоја друга, „подинамична" акција, па се решил на ваквиот чекор како на политички чин.„Писмото на татко ми не остава простор за недоразбирање. Тој целиот живот го мина како левичар, како несебичен визионер", изјавила неговата единствена ќерка, Еми.

Христулас бил чест посетител на маалската книжарница, пребарувајќи по полиците и коментирајќи ја политичката ситуација со вработените. Последна книга која ја купил била „Грчката Помпеја", која ги испитува сличностите помеѓу Римскиот град - декадентен, корумпиран општествен систем, кој на крајот пропаѓа - со сегашна Грција. Пред околу една година тој го повикал сопственикот на книжарницата во неговиот стан да ги земе сите книги и бесплатно да ги раздаде на заинтересираните, кога веќе нему му биле прочитани.

Многумина веќе го прогласија Димитрис за маченик и херој."Оваа колаборационистичка Влада ги избриша сите можности за моето преживување, кое беше засновано на достоинствена пензија за која плаќав 35 години без помош од државата. Бидејќи не можам активно да реагирам, иако би сакал, кога некои Грци би земале калашников веднаш би застанал до нив, не гледам друг излез освен достоинствено да си го одземам животот. Не сакам да се гледам себеси како копам по контејнери за да преживеам. Уверен сум дека младите луѓе без иднина еден ден ќе земат оружје и ќе ги осудат оние што ја предадоа земјата и тоа на главниот плоштад, исто како што Италијанците тоа му го направија на Мусолини во 1945.", напишал пак тој во последната порака.

6 април 2012 - 10:05