Името не е судбина

Koj бил вистинскиот Џејмс Бонд?

На 4 јануари 1900 во Филаделфија се родил Бонд. Џејмс Бонд. Но овој кога ќе порасне нема да биде таен агент и плејбој, туку - орнитолог.

Некои имиња толку ни се залепени за уво што никако не можеме да замислиме дека некој би можел да се вика така, а да не е ликот на којшто ни асоцира. Во случајот со вистинскиот Џејмс Бонд, името му било судбина само во една смисла - сигурно многу го зафркавале што е толку „обичен" во споредба со неговиот фиктивен имењак.

Џејмс Бонд живеел некое време во Британија, а по дипломирањето на Кембриџ се вратил во САД и работел како банкар. Сепак, неговиот интерес за науката и природата го натерале да се откаже од оваа работа и да се придружи на експедиција во Амазон, заради собирање биолошки примероци за Филаделфијската академија за природни науки.

Без формално образование во областа, тој потоа почнал да работи како проучувач на птиците во истата институција, и бил опишан како „еден од последните традиционални музеолози, независен, неплатен куратор, без оглед што му недостасуваат високи универзитетски титули". Работејќи во природно-научниот музеј при Академијата тој станал авторитет за различните видови птици на Карибите, а неговата книга од 1936 - Birds of the West Indies, била сметана за дефинитивен водич за летечките видови во овој регион.

Врз основа на неговите истражувања е создаден и терминот „Бондова линија", која ја опишува границата која ја одделува карипската фауна од останатата, а ова му донело и неколку ордени и значајни награди во светот на орнитолозите.

Во 1961 Бонд се фатил да чита осврт кон најновото издание на неговата книга, за одеднаш да наиде на пасуси во врска со оружје, секс и други елементи кои биле далеку од неговиот живот. Тогаш тој и неговата жена Мери сфатиле дека постои друг Џејмс Бонд, херој на серија романи од Јан Флеминг, кои биле популарни во Британија, но само што почнале да излегуваат и во Америка. Мери му пишала на Флеминг, полу на шала, „карајќи" го што му го позајмил идентитетот на мажот ѝ на ваков битанга од карактер.

Флеминг од своја страна објаснил: тој исто така бил набљудувач на птици, и кога живеел на Јамајка и почнал да работи на првиот шпионски роман, книгата на Бонд му била „Библија". Сакал неговиот главен лик да има обично, невпечатливо име, и кога се обидувал да се сети на такво му текнало краткото, неромантично но сепак многу мажествено име кое веќе добро го познавал - Џејмс Бонд.

Како извинување и некаква компензација за ваквата злоупотреба, тој понудил неограничено користење на името Јан Флеминг за која и да е цел. „Можеби еден ден ќе откриете некој навистина ужасен вид птица која ќе сакате да ја крстите со навредливо име", пишал тој.

Тој исто така ги поканил Бондови на Јамајка, и тие навистина го посетиле неколку години подоцна. Флеминг во таа прилика на Џејмс му дал копија од неговиот тогаш последен роман, „Живееш само два пати“, со посвета: „На вистинскиот Бонд, кому му го украдов идентитетот“.

Орнитологов си имал мака со неговото име до крајот на животот - обожавателки на агентот 007 се јавувале на нивниот домашен број барајќи да зборуваат со него, а на граница по неколку пати му го проверувале пасошот да не му е фалсификат. Кој знае дали кога би можел тој навистина би се менувал со животот на некаков таен агент?

21 февруари 2015 - 11:21