Сеќавање на една од најинтересните екс-ју музички појави

Кој беше Митар Суботиќ?

На 2. ноември се навршуваат 15 години од прераното заминување на музичарот кој се потпишуваше со псевдонимот Rex Ilusivii, или кралот на илузиите. И навистина, неговата продуцентска и композиторска работа беше и визионерска, и магионичарска.

Роден 1961 во Нови Сад, Суба, беше пионер на електронската музика во поранешна Југославија, продуцирајќи ги славните албуми на музичарите од новиот бран, како ЕКВ, Хаустор и Марина Перазиќ. Во 1986 неговата фузија на електронска музика и југословенски народни приспивни песни ја добива наградата на Меѓународниот фонд за промоција на културата на УНЕСКО, што вклучувало и тримесечна стипендија за истражување на афро-бразилските ритми во Бразил.

Во 1990 Суботиќ емигрира во Сао Паоло, каде почнува негова успешна продуцентска кариера со славни бразилски музичари. Но на 2 ноември 1999, работејќи на постпродукцијата на албумот на неговата новооткриена муза, Бебел Џилберто, во студиото се случува пожар. Суба умира обидувајќи се да го спаси снимениот материјал, она што подоцна ќе стане „Танто Темпо", најдобро продаваниот бразилски албум вон Бразил.

Ова е релативно познатата приказна за кратката и необична кариера на овој лик. Она што е помалку познато се неговите композиторски дела инспирирани од Ерик Сати и Брајан Ино, кои вклучуваат, на пример, мешавина на телефонски звуци, пеење на птици и амазонска домородна музика. Неговиот дебитански студиски албум „Без илузии" најпрвин бил одбиван од главните југословенски дискографски компании, па морал да биде објавен по повод некаков јубилеј на радио Нови Сад, во ограничен тираж од 500 копии.

На албумот учествуваат Милан Младеновиќ, Масимо Савиќ, басистот на Електрични оргазам Зоран Радомировиќ Шваба и пијанистката Бранка Парлиќ. Таа свири на Б-страната, дваесет и пет минутна композиција „Благодарам г-дин Роршах - амбиенти на теми на Ерик Сати", еден вид музички Роршахов тест (оној психолошкиот, со дамките) инспириран од музиката на Сати. На позадина на албумот има посвета на извесен Хрунди Бакши, кој е всушност лик од познатата комедија „Журката" во која овој лик го игра Питер Селерс, како и изјава од фондацијата на Ерик Сати во која се вели:

„Ова дело на Суботиќ е компонирано на начин на кој најмногу би му се допаднал на Сати - така за секој да може да си го најде сопствениот пат и личност. Музиката на Рекс Илузивии ја претставува точно оваа формула, оваа процедура".

И ако се прашувате како дојдовме до ова опскурно парче музика, изворот беше самиот Сати и неговата биографија. Во неа има куп необични податоци, како оној дека по неговата смрт од цироза на јетра, во просторијата кадешто живеел, а каде никој немал влезено цели 27 години, освен купишта композиции се пронајдени голем број чадори, и два клавира, поставени еден врз друг, при што горниот служел како шкаф. Но има и такви кои ги набројуваат уметниците кои тој ги инспирирал, од Луј Мал, Џенет Џексон (да, да, во песната Someone to Call My Lover има хорски луп од Гимнопедија бр. 1), до Лана дел Реј во видеото за нејзината песна „Кармен". Во тој список го најдовме и Суба, кој да продолжеше со работата веројатно ќе беше во рангот на неговите инспирации. 

Слушнете ја спомнатата композиција (25 мин) и ќе сфатите зошто:

28 октомври 2014 - 08:46